Матни правила за индустриски матни води

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

 

Индустријата се мониторира самата себе, пречистителните системи недостигаат, а државата десет години ја одлага примената на построги стандарди за квалитет на водите. Индустријата мора да ја прочистува отпадната вода, но не секоја постројка има таков систем. Тоа го потврдуваат и во Министерството за животна средина, истражува Нота.

„Дел од објектите располагаат со пречистителни системи, додека други не. Клучниот критериум не е само постоењето на станица, туку почитувањето на граничните вредности на емисии. Сите капацитети со интегрирана еколошка дозвола мора да ги почитуваат дозволените концентрации и се обврзани да применуваат најдобри достапни техники. Доколку параметрите се во дозволени граници, објектот се смета за усогласен. Кај индустрии со повисоко загадување, пречистителните системи се задолжителни“, информира Министерството за животна средина и просторно планирање.

Индустрија што сама себеси се контролира

Пропустот во системот е што индустријата се контролира самата себе си. Овој проблем на недостаток на независна контрола е воочен и во Институтот за јавно здравје, каде што можевме да разговараме со проф. д-р Мирјана Димовска, раководител на одделение во Секторот за здравствена екологија.

„Она што најмногу ми смета во тие, особено во А-интегрираните еколошки дозволи, и во секое стручно мислење тоа го потенцираме и укажуваме на Министерството за здравство, дека не смее да се дозволи да компанијата сама себе си се мониторира во некоја приватна лабораторија. Значи, мора државата да има контрола. Тоа е првото нешто што им укажуваме, а второто нешто на коешто потенцираме, но ништо не се менува во пракса, е дека во нивните дозволи што ги доставуваат за мислење, не се смета мониторинг за двапати годишно на испуштање на индустриска отпадна вода во некој реципиент, односно водно тело. Значи, тоа не е мониторинг. Мониторинг е континуирано следење на квалитет и безбедност на таа отпадна вода. Тоа е спорадично земено – eднаш до двапати годишно да однесат во приватна лабораторија и да достават резултат. Значи, мора државата да воспостави систематско следење на она што испуштаат и дали ги почитуваат напишаните одредби во дозволите. Но, особено да ја зголемат фреквенцијата. Честопати разговарам со колегите од Министерство за животна средина дека мора да се зголеми динамиката, меѓутоа одговорот е: ‘Па, директивата европска така тоа го бара’. Најодговорно тврдам дека ниедна европска директива не ви забранува да воведете построги стандарди. Таа ве ограничува да ставите полиберални стандарди од нејзините барања“, објаснува проф. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Пола од индустријата не ја пречистува водата

Извештајот за река Вардар од Министерството за животна средина покажува дека повеќе од половината индустриски објекти во Македонија испуштаат отпадна вода без никаков третман и дека таквата пракса претставува значителен притисок врз реката. Во нејзината матна вода се исфрлаат „опасни супстанции, вклучително и тешки метали, органски соединенија, хранливи материи и масла, кои може да имаат долгорочно влијание врз квалитетот на водата и водните екосистеми“.

„Процената на точките на индустриски испуст во сливот на реката Вардар покажува дека речиси 55 % од индустриските капацитети испуштаат отпадни води без никаков претходен третман, додека само 45 % вршат некаква форма на претходен третман пред самиот испуст. Ова покажува дека постои сериозен недостаток во системот за контрола на загадувањето, бидејќи со нетретираните испусти може директно да се внесат опасни супстанции во реките и потоците, со што се зголемуваат ризиците за квалитетот на водата и за корисниците низводно. Покрај тоа, речиси половина од капацитетите вршат испуст на отпадни води директно во реките (или 46 %), додека околу 40 % се приклучени на постоен канализационен систем“, стои во документот „Времен извештај за значајни прашања поврзани со управување со водите – слив на реката Вардар“.

Односот на индустријата кон реките во Македонија се гледа и преку документите наречени „Годишен извештај за квалитетот на животната средина“ на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои содржат податоци за претходната година од таа на која се однесуваат.

Отсуство на податоци за индустриските испусти

Последниот е објавен во 2025 година и се однесува на претходната – 2024 година. Во него стои дека во 2023 Министерството добило одговори за испуштени индустриски води од 60 компании со А‑интегрирани дозволи и од 33 компании со Б‑интегрирани дозволи, или од вкупно 93 фирми.

Бидејќи дозволите важат пет години, го проверивме регистарот на издадени и обновени дозволи за периодот 2018–2023. Така, во 2023 година имало активни 94 А‑интегрирани и 178 Б‑интегрирани дозволи, што значи дека, од 272 компании, 179 не доставиле информации за своите отпадни води. И, така секоја година. Затоа државата не знае колкав испуст на отпадни води доаѓа од индустријата.

Од достапните податоци произлегува дека вкупно во три години – од 2021 до 2023, се испуштени најмалку 27.014.686 м3 отпадни индустриски води, во кои имало 8.659,6 килограми железо, по над два тона цинк (2.705,07 килограми) и никел (2.261,32 килограми), како и по над 600 килограми бакар (652,82 килограми) и олово (607,27 килограми). За разградување на органската материја, само од таа индустриска отпадна вода во наведениот периот, на микроорганизмите им требале 217,63 тони кислород. Се испуштиле и 41,97 т/год. нитрати, 0,91 т/год. фосфор и 1,88 т/год. нитрити.

Уредбата со построги гранични вредности се одлага повеќе од 10 години

За класификација на водата во површинските водни тела во Македонија и натаму се користи уредбата од 1999 година, којашто е по југословенски модел, има бројни исти вредности за најлошите категории – четврта и петта, и се базира на квалитет според намената, на пример пиење, капење, или рибарство.

Иако во 2016 година, односно пред 10 години, е донесена нова уредба, усогласена со Рамковната директива на ЕУ за води, според која преку построги гранични вредности се одредува еколошкиот и хемискиот статус, институциите секоја година добивале известувања неа да не ја користат.

Одлуките, со кои примената се одложува на по две години, се објавувани во Службен весник. Предпоследната е потпишана од тогашниот вицепремиер Артан Груби на крајот на 2023 година, со која примената се одложува за уште две години. Лани неупотребата била продолжена до 2028 година и таквата одлука ја потпишал Љупчо Димовски. Во Делегацијата на ЕУ забележува заостанување во примената на донесеното законодавство.

„Категоризацијата и класификацијата на водите во Северна Македонија се регулирани со Законот за водите и со Уредбите за класификација и категоризација на водите, кои имаат за цел да бидат усогласени со законодавството на ЕУ. Можеме да кажеме дека пренесувањето на ова законодавство на ЕУ е напреднато, но имплементацијата заостанува. Сè уште не е усвоен ниту еден план за управување со речни сливови, а анализата на состојбата на водите и на мониторинг‑системот сè уште не е завршена“, одговорија од Делегацијата на ЕУ.

Старата уредба ја користат и Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи.

„Старата уредба има гранични вредности коишто се пошироки, да речеме. Во новата уредба, којашто мора да е во согласност со ЕУ директивата, односно Рамковната директива за води, тука граничните вредности се пониски за повеќето параметри, а има и нови параметри што треба да се испитуваат. Со која значи се одредуваат приоритетните супстанци. Тука се пестицидите, тука се антибиотиците и многу други органски загадувачи, а тука ги спомнав и металите, кои ние 20 години наназад ги анлизираме: олово, кадмиум и никел. Живата планираме сега скоро… Во тек, или да речеме во процедура ни е набавката на тој апарат за да можеме понатаму да анализираме и жива во водите“, објаснува д-р Шерибан Рамани, раководителка на сектор за квалитет на води при Управата за хидрометеоролошки работи.

„За жал сѐ уште е во примена уредбата за класификација на површински води – многу стара, од 1999 година. Се направи обид во 2016 да се донесе нова уредба, прилично усогласена со барањата не Европската директива – Рамковната директива за води, којашто цели за сите површински тела во една земја-челнка, или земја-аспирант да влезе во ЕУ, да мора да се постигне добар еколошки статус на водните тела: повшрински, крајбрежни итн. За жал од 2016 година, Уредната сѐ уште не е во пракса, се одложува секоја година“, објаснува проф. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Реки без риби и птици се мртви реки

Притисокот дојде од стопанството, а посебно индустријата, бидејќи фабриките, комбинатите и пречистителните станици ќе мораа веднаш да инвестираат огромни средства во модернизација и филтри.

Квалитетот на речните води според старата уредба се дели во пет категории – од прва, во која може да се одледуваат риби, да се спортува или која со мал третман да се пие – до петта, што значи дека реката е мртва и водата не смее да се користи ни за наводнување.

„Прва категорија водата е многу чиста и со дезинфекција може да се употреби за пиење. Додека водата од петта калса не може да се употреби за никаква намена. Од нашиот мониторинг јас би ги одвоила Скочивир, мерното место Скочивир во Црна Река, и Ново Коњарево во реката Струмица, кои се класифицираат четврта, а понекогаш и петта класа. Како загадувач тука се појавуваат нутриентите, фосфатите, азотот и тоа е последица од комуналните отпадни води, земјоделието и сточарството“, објаснува д-р Шерибан Рамани, раководителка на сектор за квалитет на води при Управата за хидрометеоролошки работи.

„Петта класа ќе имаме тогаш кога нема да имате патки да ги гледаме видливо во река Вардар и нема да имаме рибари, што значи тоа е компетно аноксична река без кислород, во којашто не може ништо живо да опстои во реката. Мал дел од водите, правев анализа за сопствени потреби, некаде 10 до 15% од анализираните примероци се класифицирани во таа најлоша класа. Значи зборувам за мониторинг од повеќе од 19, 20 години. Најголемиот дел се трета, четврта класа во однос на физичко-хемиските својства, меѓутоа ќе повторам заради микробиолошката класификација се четврта, петта класа. Сѐ додека нешто мрда во реката Вардар, се додека имаме рибари, значи сѐ уште има некаква концентрација на кислород и не е комплетно мртва река. Кога ќе ги снема рибарите и патките, коишто пливаат, тоа веќе значи дека реката ќе ја изгубиме“, нагласува проф. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Загадувачот (не) плаќа

Во развиениот свет општо правило е дека загадувачот треба да плати за користењето и загадувањето на водните ресурси. ЕУ, преку ланскиот извештај за напредокот на Македонија, забележува дека принципот „загадувачот плаќа“ не се применува во земјата.

„Одржливоста на инфраструктурата бара реформи во јавните комунални претпријатија и примена на модел на финансирање заснован на принципите ‘загадувачот плаќа’ и ‘целосно враќање на трошоците’. Системот за инспекција и санкции останува неефективен и треба значително да се зајакне, бидејќи предизвика јавно незадоволство“, стои во извештајот на ЕУ.

Швајцарската 10-годишна програма за води се обидува да го унапреди управувањето со водените ресурси во Македонија. Тим-лидерот на оваа програма, Јан Квиатковски, нагласува дека индустриски развој е можен и со заштита на животната средина.

„Вообичаениот случај во многу земји е дека индустријата всушност плаќа помалку во споредба со влијанието врз животната средина што го создава. Но, ако се погледне од социоекономска перспектива, важно е да се запомни дека секогаш постои конфликт помеѓу економскиот развој и одржливоста на животната средина. Тоа е неизбежно, така што не сакаме да го потиснеме економскиот развој, но истовремено сакаме да го насочиме развојот кон насоки, кои се одржливи од еколошка гледна точка“, вели Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за води

Швајцарската програма за води, преку ангажман до 2033 година, ќе работи на засилување на институциите, подигнување на свеста во општеството, но и примена на ЕУ-законодавството поврзано со заштита на животната средина.

„Важно е да се напомене дека актуелниот Закон за води во Северна Македонија е воспоставен уште во 2008 година. Оттогаш па наваму, Европската рамковна директива за води и целокупното законодавство околу неа се развиваат понатаму. Затоа, првата потреба е да се надополни и измени Законот за води, за да се усогласи со тековните прописи на ЕУ и да се хармонизира со други директиви, како што се Нитратната директива, Директивата за подземни води, за заштитени подрачја и така натаму. Значи, има многу, би рекол, работа да се сработи, во смисла на подобрување на законодавниот систем. Но, тоа е само еден дел од одржливото управување. Очигледно, спроведувањето, праксата, координацијата, информациските системи, мониторингот, податоците – сето тоа е потребно за да се постигнат резултати“, објаснува Јан Квиатковски, тим-лидер на Програмата за води.

Фокусот е ставен на речниот тек и притоките Вардар, бидејќи тие опфаќаат речиси 80% од сите водни тела во Македонија.

„Постојат причини за загрижености, а тие се засноваат на постојните резултати од мониторингот, каде што можеме да видиме дека, на пример, нивоата на хранливи материи се покачени. Исто така, врз основа на историските докази, сосем јасно е дека, на пример, во реката Вардар порано имало многу поизразен видлив жив свет и рибји ресурси, кои денес тешко се наоѓаат. Очигледно е дека екосистемите се под притисок, и дел од нашата програма е да ги оцениме тие притисоци во најголеми детали“, вели Квиатковски.

Програмата работи и на мапирање на кои делови од реката Вардар и нејзините притоки состојбата е лоша, средна или добра. Мапирањето ќе биде завршено до следната пролет, кога ќе бидат објавени и наодите.

Back to top button
Close