А, ако биде предоцна „да видиме“?

Денко Малески

Се сеќавам на времињата кога главната забелешка на американските и европските политичари и дипломати беше дека македонското политичко раководство не знае да мисли стратешки, демек – долгорочно. И беа во право, не знаеше и сè уште не знае. Размислува само до крајот на својот мандат. Ова е мојата политика кон ЕУ и не отстапувам од неа додека сум јас на власт, ќе изјави македонскиот премиер. А после? После, ќе видиме. А, ако биде предоцна за Македонија „да видиме“?

Денес, може со сигурност да констатираме дека САД, НАТО и ЕУ страдаат од истата болка – не мислат стратешки. Надежите дека Трамп ќе ја запре војната во Украина зашто е свесен дека причината за руската агресија е ширењето на НАТО во Украина или дека знае точно што зборува кога вели дека живееме во мултиполарен свет, веќе не постојат.

Американскиот претседател само зборувал она што дента го слушнал од некого без разбирање на причините за украинската војна и на драматичните промени во светот кој ја оспорува американската хегемоја.Така, сите поверувавме во изборниот слоган дека Трамп ќе стави крај на „вечните војни“ („the forever wars“ ) и дека доброволно ќе ја повлече американската моќ назад во својата американска сфера на влијание од времето на претседателот Монро. Зашто разбира дека во другите делови од светот Америка ќе мора да ја прилагодува својата политика со интересите на растечките големи сили, како Кина и Русија, или средни-сили како Иран.

Ништо од тоа.

 

Се чини дека никој доброволно не се откажува од својата моќ. Ние го преценивме американскиот претседател Доналд Трамп. Тој, сепак ,е само бизнисмен, без образование од меѓународна политика, па оттаму и на стратегија . Така, во остуство на стратегија, американскиот претседател, во еден момент, го „рибаше“ Зеленски што влегол во конфликт со неспоредливо посилен од себе и бараше да ги прифати руските услови и да потпише мир, додека денес, верува дека ,со помош на ракети и дронови, Украина може да победи.

Под одлучувачко влијание на администратијата на Џо Бајден и наспроти предупредувањето на германската канцеларка Меркел дека одлуката на самитот на НАТО во Букурешт за членство на Украина во НАТО е рамна на декларација на војна на Русија, европските политичари му се предадоа на американското водство и тргнаа во погрешна насока. Сега, ниту Америка ниту Европа не знаат како да се извлечат од воените аранжмани на своите држави во кои се влпеткани интересите на моќните воено-индустриски комплекси и личните интереси на политичарите, војната да продолжи. Сите имаат личен влог во потфатот да продолжи војната до победа дури и кога таа не може да се добие. Па дури и заменичката на генералниот секретар Радмила Шеќеринска од Република Северна Македонија.Ниту таа ниту било кој друг функционер не би останал на функцијата ако изрази сомнеж, каква што изразувам јас. Имено, дека најголемата нуклеарна сила во светот бесконечно ќе седи кротко додека непријателот ја ништи со дронови и ракети? Се разбира, сите знаат дека еден ден Русија ќе одговори со употреба на сила кон Европа. И тогаш? Па, тогаш ќе видиме. А, ако биде предоцна „да видиме“?

 

Back to top button
Close