Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба
По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, денеска во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија под наслов „Свои на своето!“, на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски

Во Кристалната сала на Собранието, ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2026 година, која се доделува за долгогодишни остварувања во науката, културата и образованието, заштитата на државните интереси, промоцијата на државните приоритети и вредности, како и на културно-историското наследство од јавен интерес
Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во чест на основањето на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) во Солун во 1893 година.
Основите на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) биле поставени на 5 ноември 1893 година, односно на 23 октомври според стариот календар, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов.
На основачкиот состанок учествувале шестмина истакнати дејци: лекарот Христо Татарчев од Ресен, учителот Даме Груев од Смилево, Битолско, учителот Петар Поп Арсов од Богомила, Велешко, книжарот Иван Хаџи Николов од Кукуш, учителот Антон Димитров од Ајватово, Солунско, и учителот Христо Батанџиев од Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Основачите започнале да ги шират револуционерните идеи меѓу младите во Солунската бугарска машка гимназија. Учениците формирале кружоци и конспиративни групи, а по завршувањето на образованието се враќале во родните места, каде што ја ширеле идејата за револуционерна борба.
Младите студенти и нивните професори станале движечка сила на револуционерното движење. Емисари ја обиколувале Македонија и Одринска Тракија, каде што формирале месни комитети и ја проширувале мрежата на Организацијата.
По воспоставувањето на организациската структура, започнало формирањето вооружени чети и набавката на оружје преку илегални канали од Бугарија и Грција.
Врвот на дејноста на ВМОРО било организирањето на Илинденското востание во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија во 1903 година.
Свечена академија, положување цвеќе и доделување на наградата „23 Октомври“
По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, денеска во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија под наслов „Свои на своето!“, на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Собраниска делегација, предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, а во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Даниела Николова, ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“ во Скопје.
Во 11 часот, во Кристалната сала на Собранието, ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2026 година, која се доделува за долгогодишни остварувања во науката, културата и образованието, заштитата на државните интереси, промоцијата на државните приоритети и вредности, како и на културно-историското наследство од јавен интерес.
За остварувања во областа на културата и уметноста, наградата ќе му биде доделена на актерот Ѓорѓи Јолевски, додека за придонес во науката ќе ја добијат историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.
По повод празникот, во средата вечер во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа културно-историски настан под наслов „Во светлината на слободната“. Настанот беше посветен на историските процеси што го одбележале македонското револуционерно движење, идеалите за слобода и достоинство, како и на животот и делото на Даме Груев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), подоцна позната како ВМРО.





