Филипче: Владата нема капацитет да се справи со кризата

Мицкоски ја води економијата во бездна, состојбата во државата е катастрофална, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Алсат ТВ. Филипче посочи дека Владата на Мицкоски нема капацитет да се справи со кризата и да го подобри животниот стандард на граѓаните, а наместо решенија, граѓаните добиваат нови задолжувања, ниски плати и празни ветувања – се вели во соопштението на СДСМ коешто МИА го објавува интегрално.

„Катастрофална е состојбата  и за некои категории на граѓани и неиздржлива. Економијата, Христијан Мицкоски и оваа влада ја водат во бездна. Околу 1 милијарда евра недостасуваат во буџетот, околу 1 милијарда евра недостасуваат во Фондот за пензиско осигурување“, рече Филипче.

Филипче потсети дека Владата ги одби сите предлози на СДСМ за подобрување на животниот стандард, вклучително и предлогот за минимална плата од 600 евра.

„Ги одбиваат сите предлог-мерки за подобрување на стандардот на граѓаните. По трет пат го одбија нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Повеќе од три минимални сегашни плати се потребни за едно семејство да ја наполни потрошувачката кошничка“, рече Филипче.

Тој нагласи дека незадоволството меѓу граѓаните расте токму поради лошите економски политики, неможноста да се покријат месечните трошоци и сè потешкиот живот, додавајќи дека Мицкоски е целосно оддалечен од реалноста во која живеат граѓаните и не покажува ниту разбирање ниту волја да ги реши нивните проблеми. Незадоволството како што кажа Филипче ќе расте и во следниот период.

„Поради незадоволството на граѓаните. Поради тоа што не можат да врзат крај со крај, не можат да живеат од лошите економски политики на Христијан Мицкоски. Не можат месецот да го поминат. Празни се паричниците, празни се фрижидерите. Луѓето гладуваат. Не може да не им се излезе во пресрет вака како што владее Христијан Мицкоски, ниту знае економски да ја менаџира државата, ниту има чувство како се менаџира мултиетничка држава, тој е заинтересиран само за неговите интереси“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека состојбата најдобро се гледа преку секојдневниот живот на граѓаните, нивните приходи и неможноста да им обезбедат пристоен живот на своите семејства.

„Тие гледаат како се работи економијата и како функционира државата, најдобро по нивните фрижидери и што можат да им обезбедат на децата. Зошто втор ребаланс? Ниту една држава не прави втор ребаланс. Знаете зошто е вториот ребаланс? Да се пополнат дупките, да може да се исплатат мизерно ниските плати, затоа што нема пари за нив“, рече Филипче.

Тој додаде дека последиците од лошите политики на власта го чувствуваат сите, посочувајчи дека земјоделците во сред криза се оставени сами без никаква поддршка од владата.

„Зошто не им даде пари на земјоделците? Зошто не ги зголеми откупните цени? Зошто не ги зголемат субвенциите? Догодина нема да има земјоделство, нема да има сточарство,  нема да има лозови насади, затоа што знаат дека ќе им скапе грозјето како сега на нивите“, рече Филипче.

Филипче: Нема пазарења со никој – граѓаните во Брвеница сами да одлучат за кого ќе гласаат

Нема пазарења за со никој, нема непринципиелни коалиции, граѓаните да одлучат по сопствено убедување како ќе гласаат во Брвеница, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за Алсат М телевизија додавајќи дека СДСМ нема да поддржи ниту еден кандидат во вториот круг во Брвеница и дека одлуката им ја остава на граѓаните.

„Ќе оставиме граѓаните да одлучат по сопствено убедување. Затоа вчера имавме и состанок на раководството на партијата. Апсолутно не мислам дека треба да се прават непринципиелни коалиции“, рече претседателот Филипче.

Претседателот Филипче рече дека внатрешните анализи на партијата покажуваат раст на СДСМ.

„Јас во принцип признавам само победа. Нашите внатрешни анализи ни покажуваат две работи. Прво, имаме зголемување на гласовите во однос на лани. Втората работа е дека тоа го отсликува трендот секаде во државата: пад на ВМРО и наш раст. И тој тренд, верувајте, ќе продолжи и во иднина. “, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче за Платформата ЗНАМ 2.0: Тие се поврзани со власта, нема да успеат да ја поделат СДСМ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Алсат ТВ, посочи дека обидите за создавање поделби во СДСМ нема да успеат и дека зад активностите на дел од поранешните членови на партијата стојат политички интереси поврзани со власта.

Филипче потенцираше дека луѓето кои бараат промени во раководството имаа можност да учествуваат во партиските избори, но не ја искористија таа можност.

„Како тоа, тие бараат оставка од легитимно избрано раководство? Тие бараат да се оди раководството, јас да си одам, да се одат делегатите, па кој да дојде? И на кој начин? Како никој не чини во партијата, само тие се добри. 800 делегати не чинат? 120-130 луѓе од Централниот одбор не се добри, 20 кусур луѓе во Извршниот одбор не се добри, сите десетина во раководството не се добри, и јас лично. Имаа можност да се кандидираат, лани  беа изборите. Зошто не се кандидираа за некоја од функцијите?“, рече Филипче.

Притоа, Филипче додаде дека изминатив период јасно се виде и намерата и поврзаноста на членовите на платформата со власта.

„Сите тие се поврзани со власта. Поврзани со луѓе од црните листи. Добиле тендери фирми блиски на нив за 1,6 милиони евра сега. Кој им ги дал? Власта им ги дала тие пари. И вие верувате дека имаат искрени намери? Како може да го крадат вниманието на јавноста и да прават дефокус дента кога доаѓа Фон дер Лајен тука кај нас и кога ги кажува најбруталните критики и отворено му кажува во лице на Христијан Мицкоски  дека неговата политика е антиевропска. Па зарем тоа не е координирано“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека овие обиди за дефокусирање нема да ја сменат насоката на СДСМ ниту ќе ја нарушат кохезијата на партијата, и нема да го одвлечат од борбата за иднината на државата.

„Нема да успеат да поделат СДСМ, ниту мене ќе ме одвратат од идејата и борбата за добра, праведна Македонија во Европа“, рече Филипче.

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста

Back to top button
Close