150.000 граѓани на Славија, студентите со порака: „Победата е блиску“

„Готов е“, „Победа“ и „Пумпај“ одекнуваа синоќа во центарот на Белград, каде што, според проценките на АФП, околу 150.000 граѓани се собрале на завршниот предизборен митинг на листата „Студентите победуваат“. Собирот се одржа на плоштадот Славија, два дена пред предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври, на кои студентското движење ќе се соочи со владејачката Српска напредна странка (СНС).

Screenshot

Долги колони граѓани пристигнувале од различни делови на Србија, а улиците околу Славија биле исполнети со демонстранти кои носеле српски знамиња, транспаренти со пораки против корупцијата и балони со бројот три, под кој настапува студентската листа.

 

Студентското движење произлезе од масовните антивладини протести по трагедијата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога при уривање на бетонска настрешница загинаа 16 лица. Протестите прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на управување со државните институции.

 

На изборите учествуваат 18 листи, а студентската, со 250 кандидати за парламентот, настапува со порака дека граѓаните избираат меѓу две различни визии за иднината на Србија.

„Не се избира меѓу 18 листи, туку меѓу Србија и мафијата, слободата и ропството, напредокот и пропаѓањето“, беше една од пораките упатени од митингот.

Лекарот и универзитетски професор Југослав Гашиќ, кандидат на студентската листа, изјави дека стабилноста на државата не се мери според тоа колку долго една политичка структура останува на власт.

„Стабилна Србија не е онаа во која власта не се менува, туку онаа во која граѓаните не мора да се грижат поради промена на власта“, порача Гашиќ.

Тој нагласи дека граѓаните не треба да стравуваат поради своите политички убедувања и повика на завршување на, како што рече, 14 години понижување и ставање на партиските интереси пред интересите на граѓаните.

„Ние не ја диктираме волјата на народот, ние ја спроведуваме“, изјави Гашиќ.

Студентот на Биолошкиот факултет Арса Стојановиќ порача дека граѓаните со речиси двегодишните протести покажале сила, истрајност и патриотизам.

„Победата е тука, на дофат на раката, и тоа е моќ што никој не може да ви ја одземе“, рече Стојановиќ, повикувајќи ги граѓаните да гласаат на 25 октомври.

Носителот на студентската листа, кардиологот и универзитетски професор Илија Срдановиќ, изјави дека мандатите на избраните претставници ќе бидат во рацете на граѓаните.

„Едно е несомнено: на 25 октомври Србија победува затоа што студентите победуваат“, порача Срдановиќ.Во исто време, поранешниот српски претседател Александар Вучиќ ги собра поддржувачите на СНС во спортска сала во Нов Белград. На собирот, кој според дел од белградските медиуми траел околу половина час, Вучиќ ги повика гласачите да го заокружат бројот еден.

„Им се спротивставивме на оние што ја рушеа Србија и што сакаат да ја рушат и во иднина. Ајде убедливо да ги победиме“, изјави Вучиќ.

Завршниот собир на студентите заврши со играње оро, додека илјадници присутни скандирале „Готов е“, „Вучиќ, готов си“ и „Студентите победуваат“. Централните белградски улици останале затворени за сообраќај до доцните вечерни часови.

Изборниот молк во Србија започна на полноќ. Гласачките места в недела ќе бидат отворени од 7 до 20 часот, а гласање е организирано и на 93 избирачки места во 37 држави.

Според официјалните податоци, во единствениот избирачки список се запишани 6.450.523 гласачи, додека за гласање во странство се пријавени 102.147 лица.

Back to top button
Close