Гиновска: „Комуналец“ немал никаква дозвола да пушта вода од отворениот канал во Гостивар

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска, на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од вонредниот инспекциски увид поврзан со контаминацијата на водоводниот систем во Гостивар.

Таа информираше дека на 16 јули, по наредба на Основното јавно обвинителство – Гостивар, инспектори од ДИЖС извршиле вонреден увид во координација со криминалистичката полиција, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центрите за јавно здравје од Скопје и Тетово, како и со претставници на ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Според Гиновска, инспекцискиот надзор утврдил дека див приклучок бил поставен на оддалеченост од околу 800 до 900 метри од главниот цевковод што ја снабдува Општина Гостивар со вода за пиење.

Водата била зафаќана од отворен канал, кој не е дел од водните тела опфатени со важечката водостопанска дозвола на комуналното претпријатие.

„Секоја измена на водоснабдителниот систем мора претходно да биде одобрена од Секторот за води при Министерството за животна средина. До денес не е поднесено никакво барање за ваква интервенција“, изјави Гиновска.

Таа нагласи дека ДИЖС нема законска надлежност директно да го контролира квалитетот на водата за пиење што се испорачува до граѓаните, но целосниот записник од инспекцискиот увид веќе е доставен до Основното јавно обвинителство – Гостивар.

„Не би сакала да прејудицирам. Како и сите граѓани, сметам дека безбедноста на граѓаните била сериозно загрозена, но конечните заклучоци треба да ги даде истрагата“, изјави Гиновска.

Back to top button
Close