Лепче за сите

Ако три месеци главна вест е дека не може да се најде кој гради дивоградба кај „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје, уште од мај кога некој го исече дрвото пред кафулето што потоа изгоре во пожар, тогаш сосема е нормално три дена да имаме директен пренос од уривањето на таа дивоградба. И тоа вооопшто не е за потсмев. Фактот што првиот работен ден новата влада го почна со уривање на дивоградба во центарот на главниот град, зборува дека „Мавровка“ не е обичен комунален проблем. Тоа е голем политички проблем со кој оваа влада на Зоран Заев допрва ќе се соочува.
Случајот „Мавровка“ не е само една од многуте дивоградби во државата за која секогаш се наоѓа некој што е ненадлежен да ја урне. Во овој случај се отсликува сѐ: од коруптивните спреги во локалната и централната власт, преку нефункционирањето на општините, нефункционирањето на инспекциите, зачмаеноста на обвинителството, силеџиството на ДУИ, партиските интереси, внатрепартиски препукувања, па сѐ до владеењето на правото по принципот „Сѐ по закон, шефе!“, а во суштина сѐ е незаконско. Оти, факт е дека Општина Чаир спроведе три тендери за уривање на кои никој не се јави. И факт е дека три месеци никој не можеше да најде кој гради. А сега, пак, никој не може да го најде градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.
До кое дереџе сме со владеење на правото, покажува дека мораше да се избере Влада за да почне да се спроведува законот. Што значи дека и „Мавровка“ била дел од политичкиот договор на Зоран Заев и Али Ахмети. Ај да испреговараме прво за владините функции, па после ќе работиме по закон. Прашањето е: Дали дивоградбата кај „Мавровка“ ќе се уриваше ако ДУИ не влезеше во власта? Или Чаир ќе распишеше референдум за останување на дивоградбата, како што градоначалникот на Сарај Блерим Беџети се закани со референдум, кога градот Скопје побара да се урнат дивите платформи на Матка? Па и за „Мавровка“ ќе се бараше воено решение.
Многу е фрустрирачки кога ќе сфатиш дека се одушевуваш на нешто што е нормално – почитување на закон. Затоа што, и во овој случај постои сомнеж дека и уривањето на дивоградбата не е затоа што се почитува законот, туку затоа што за тоа постои меѓупартиски договор.
Којзнае. Можеби па и ние сме премногу сомничави. Можеби сме се научиле да живееме без очекувања за нормален живот. Замислете, па можеби и Али Ахмети и Зоран Заев сфатиле дека тоа што решиле да ја урнат дивоградбата е нешто што народот сака да го види. Бара неселективна правда. И бара заштита од силеџиите.
Замислете, можеби и пајакот ќе почне да дига коли паркирани на улица во Чаир. И тоа нема да биде вест што ќе се врти три дена.
Целата колумна на СДК на следниот линк.






