Фиктивни книжења и милионска даночна измама со нафта, буџетот оштетен за над 7,2 милиони денари
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице, сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела „даночно затајување“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Според Финансиската полиција, првопријавениот М.Д., како сопственик и управител на компанијата, во 2021 година преку фиктивни сметководствени книжења присвоил 7.040.484 денари од продажба на нафта и нафтени деривати, при што не пресметал и не платил данок на личен доход во износ од 782.198 денари.
Воедно, со фиктивни книжења ги намалил залихите, приходите и обврските за данок на додадена вредност, а ја зголемил набавната вредност на продадената стока, со што, според сомнежите, избегнал плаќање на ДДВ во износ од 1.653.677 денари, данок на личен доход од 782.198 денари и данок на добивка од 664.846 денари.
Финансиската полиција наведува дека во 2024 година осомничениот присвоил и стокова залиха во вредност од 12.630.670 денари, без да ја евидентира како кусок во сметководствената документација, при што не пресметал и не уплатил ДДВ од 1.925.177 денари и данок на личен доход од 1.403.267 денари.
Со овие дејствија, според пријавата, осомничениот и правното лице го оштетиле Буџетот на Република Македонија за вкупно 7.211.359 денари.




