„Пулс“ нелегално бил пренаменет од индустриски во објект за угостителска дејност, сведочеше вештак во судница

Според урбанистичкопланската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот „Пулс“, не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност, додека од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре, што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење. Ова денеска го изјави вештото лице Душица Трпчевска-Ангелковиќ во судницата во Идризово во продолжението на судскиот процес за пожарот во кој лани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Обвинителот Дарко Јакимовски, на почетокот посочи дека градежното вештачење е составено од повеќе области и денеска се продолжува со аспекти поврзани со урбанизмот и сослушување на вештото лице Душица Трпчевска-Ангелковиќ, член на тимот што учествувал во изработка на градежното вештачење.

Во однос на урбанистичкото планирање за објектот, вештото лице посочи дека зоната Г10 на Град Кочани, каде што се наоѓа „Пулс“, во првиот Детален урбанистички план донесен во 1998, како и последниот што е во сила од 2013, не се менува и е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.

„Од намената на објектот зависат сите останати параметри, како што се површина, височина, катност, позиција, пристап и паркирање. Од намената на објектот зависат неговите конструктивни, функционални и безбедносни барања кои градбата мора да ги задоволи“изјави Трпчевска-Ангелковиќ.

Согласно Законот за градење, член 97, секој објект се користи за намената за која е предвиден и изграден.

„Конкретно објектот во која бил сместен ’Пулс’ е составен од две згради, од кои зграда еден е изградена 1998 врз издадено одобрение за градба на деловно производен продажен објект. Зграда два е изградена без одобрение за градење и во 2011 година е легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија. Во 2012 година објектот се употребувал согласно намената од ДУП. Од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење“,појасни Трпчевска-Ангелковиќ.

Согласно Урбанистичкиот план од 2013 година, вештакот нагласи дека намената на објектот е Г3 – сервиси, а во компатибилни намени се Б1, Б2, Б4, Д2, Д3, Д4, Г2, Г4 и Е2 и ја нема намената Б3, која се однесува на големи угостителски објекти во кои спаѓаат и дискотеки и кабаре-клубови.

„Според урбанистичкопланската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот, не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност“,изјави вештакот.

Легален пат за отворање на дискотека, појасни вештакот било да се поднесе иницијатива за измена на ДУП до Општина Кочани и да се предвиди како основна или компатибилна намената Б3. Следен чекор е да поднесе барање за пренамена на објектот во намена Б3 до Општина Кочани, изработка на основен проект за пренамена во кој ќе се вклучат сите барања за минимално технички услови кои објектот треба да ги исполни согласно Закон за угостителска дејност или да се отвори дискотека во друг објект во зона со намена Б3.

„Наместо да избере една од овие две легални можности, инвеститорот се одлучува да изврши нелегална пренамена на дел од објектот, постапувајќи спротивно на ДУП и регулативата“,додаде таа.

Прашана дали општината можела да реагира и на кој начин, кога веќе се вршела угостителска дејност дискотека во овој објект, вештакот рече дека Законот за градење покрај другото го уредува и начинот на употреба на објектите, а станува збор за објект од втора категорија, односно од локално значење и одобренија ги издава општината, значи дека општината е повикана да постапува по надлежноста, а тоа е да контролира дали објектот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба.

„Реакцијата би била преку надлежните служби. Тоа се инспекциските служби, кои доколку констатираат дека на некој објект е извршена нелегална пренамена, имаат право на сопственикот да му наложат да го врати објектот во првобитната состојба“,појасни Трпчевска-Ангелковиќ.

На прашање дали бидејќи веќе била издадена лиценца за дискотека/кабаре, тоа значи дека општинските инспекциски служби не можеле да реагираат, вештакот појасни отитоа не е условено едно со друго.

„Овластувањата на градежната инспекција да реагира кога е извршена нелегална пренамена не е условена со издавање на било кој друг акт, без разлика дали е лиценца“,одговори таа.

За која фирма и за кој објект во 2012 година Економија издала лиценца за кабаре – дилема од судењето за „Пулс“

На прашање од обвинителот да објасни како е можно во близина да има хотел, вештакот рече дека во ДУП постои парцела со намена Б5 – хотел, меѓутоа кај компатибилни намени графата е празна.

„Ова е затоа што овој објект постоел и функционира како хотел во време на изработка на ДУП и е евидентиран како постоечки и за овој објект планот не предвидува развој и проширување во планскиот период од пет години“,додаде таа.

На минатото рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежниот факултет, изјави дека градежното вештачење недвосмислено покажало дека во „Пулс”, системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале и не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите.

Тимот вештаци од Градежниот факултет, како што рече Марковски, со жалење констатира дека од противпожарна заштита во објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс“ биле преземени нула мерки.

Со ова, како што е најавено, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството.

Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Back to top button
Close