Не се најде пиштолот со кој Палчо ги уби Вања и Панче – запрена истрагата против вработениот во Народна банка оти немало докази
Обвинителството ја запре истрагата против вработениот во Народната банка кој во текот на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше поврзан со таканаречениот „фамозен ранец“, во кој, според сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, се наоѓал пиштолот што го користел Љупчо Палевски – Палчо.

Од Обвинителството за „Скопје1“ рекле дека по извршените проверки не биле обезбедени докази дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се водела истрагата.
„По извршените проверки, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка бидејќи не се обезбедија докази дека пријавениот го сторил наведеното кривично дело“, соопшти Обвинителството.
Против лицето се водеше истрага за „помагање на сторител по извршено кривично дело“ согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик, а во рамки на постапката беа извршени и претреси.
Неговото име се појави во јавноста откако обвинетиот Велибор Манев во судница тврдеше дека токму кај член на партијата Десна, вработен како техничко лице во Народната банка, завршил ранец поврзан со оружјето.
„Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски ‘пакетот’, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери“, рече Манев во судницата.
Во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, на останатите обвинети им беше изречена казна доживотен затвор, која е потврдена. За Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, ќе има повторно судење.






