Норвешка планира наредната година за Украина да издвои 9,2 милијарди долари

Норвешка планира во фискалната 2027 година да обезбеди нова финансиска поддршка за Украина во износ од 85 милијарди норвешки круни (9,2 милијарди долари), исто колку и во тековната фискална 2026 година, соопшти норвешката Влада.
Норвешка е меѓу најголемите поддржувачи на Украина, заедно со останатите скандинавски и прибалтички земји. Владата на премиерот, Јонас Гар Стере, изработи долгорочен план за помош на Киев, поддржан од сите партии во норвешкиот Парламент.
Вкупната помош што Норвешка планира да ја обезбеди за Украина во периодот 2023-2030 година изнесува 274,5 милијарди круни, односно околу 30 милијарди долари.
Со тоа Норвешка е меѓу најголемите донатори на Украина по глава на жител.






