Од почетокот на нападите врз Иран: Дизелот во Македонија поскапе за 43 отсто, бензинот – 26 отсто

Со денешната одлука на РКЕ, дизелот по првпат во овој циклус ја пробива границата од 100 денари и од полноќ ќе чини најмногу 101,5 денари за литар

Цената на дизелот во Македонија од почетокот на американско-израелските напади врз Иран досега е зголемена за повеќе од 30 денари за литар, односно за околу 43 отсто. Бензините во истиот период поскапеа за речиси 20 денари или за околу 26 отсто.

Според новото поскапување што го објави денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), кое ќе стапи во сила ноќеска на полноќ, цената на дизелот се зголемува за 3,5 денари и ќе изнесува максимални 101,5 денари за литар. Бензините поскапуваат за 1,5 денар – Еуросупер БС-95 ќе чини 93, а БС-98 – 95 денари за литар.

За споредба, на 28 февруари, кога САД и Израел ги почнаа нападите врз Иран, максималната цена на Еуросупер БС-95 во земјава изнесуваше 73,5 денари, БС-98 чинеше 75,5 денари, а дизелот 71 денар за литар.

Тоа значи дека за речиси шест месеци:

Еуросупер БС-95 поскапел за 19,5 денари, односно за 26,5 отсто;

Еуросупер БС-98 поскапел исто така за 19,5 денари, или за 25,8 отсто;

дизелот поскапел за 30,5 денари за литар, што е раст од 43 отсто.

Пресметано на еден резервоар од 50 литри, разликата е уште повпечатлива. Полнењето резервоар со дизел сега чини 5 075 денари, наспроти 3 550 денари на 28 февруари – или 1 525 денари повеќе. За 50 литри БС-95 сега се потребни 4 650 денари, што е за 975 денари повеќе од 3 675 денари колку што чинеле на почетокот на нападите врз Иран.

Најголемиот удар врз цените дојде непосредно по почетокот на војната. Веќе на 9 март РКЕ донесе одлука со која дизелот поскапе за 14,5 денари – на 85,5 денари за литар, додека БС-95 достигна 79,5 денари.

Владата потоа интервенираше со фискални мерки. ДДВ за горивата беше намален од 18 на 10 отсто, а беа намалени и акцизите – за четири денари кај дизелот и за два денари кај бензините.

Сепак, цените продолжија да се движат нагоре, со периодични поевтинувања. На 7 јули БС-95 чинеше 85,5 денари, а дизелот 82,5 денари. Три недели подоцна цените скокнаа на 93 денари за БС-95 и 98,5 денари за дизел.

Со денешната одлука дизелот по првпат во овој циклус ја пробива границата од 100 денари и од полноќ ќе чини најмногу 101,5 денари за литар.

Растот на домашните цени следува во услови на продолжена нестабилност на светскиот пазар на нафта поради војната со Иран и нарушениот транспорт преку Ормускиот Теснец.

РКЕ посочува дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и на мало можат горивата да ги продаваат и по пониски цени

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close