Почина Доли Партон, кралицата на кантри музиката, на 80 години


Легендарната американска пејачка и авторка Доли Партон почина на 80-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство. Веста беше објавена денеска на социјалните мрежи, а ја потврдија повеќе американски и британски медиуми, како и Ројтерс. Засега не е објавена официјална причина за смртта.

Партон во последниот период имаше здравствени проблеми поради кои откажа и одложи повеќе јавни настапи. Само неколку дена пред смртта таа зборуваше за својата здравствена состојба и за тешкиот период по смртта на нејзиниот сопруг Карл Дин во март 2025 година, со кого беше во брак речиси шест децении.

Родена во 1946 година во Тенеси во сиромашно семејство со 12 деца, Партон почнала да пишува песни уште како дете. На 13 години веќе настапувала во легендарното „Grand Ole Opry“, а по преселбата во Нешвил започнала кариера која ќе трае повеќе од шест децении.

Нејзините песни „Jolene“, „9 to 5“, „Coat of Many Colors“ и „I Will Always Love You“ станаа дел од американската музичка историја. Последната подоцна доби нова светска популарност во изведба на Витни Хјустон. Партон во текот на животот напишала околу 3.000 песни, а повеќе од 100 милиони нејзини плочи и албуми биле продадени низ светот.

Освои 11 Греми награди, меѓу кои и награда за животно дело, а во 2022 година беше примена во Rock and Roll Hall of Fame. Имаше и успешна актерска кариера, со улоги во филмовите „9 to 5“, „Steel Magnolias“ и „The Best Little Whorehouse in Texas“.

Покрај музиката, Партон беше позната и по хуманитарната работа. Нејзината фондација преку програмата „Imagination Library“ со години обезбедуваше бесплатни книги за деца, а во 2020 година таа донираше еден милион долари за истражувањето што помогна во развојот на вакцината на Moderna против ковид-19.

Доли Партон зад себе остава една од највлијателните кариери во американската популарна музика, како авторка, пејачка, актерка и една од личностите кои кантри музиката ја претворија во глобален феномен.

Back to top button
Close