Десетици загинати, стотици исчезнати, меѓу нив и странски туристи – катастрофа во Непал (ВИДЕО

Катастрофални поплави го погодија Непал, оставајќи зад себе огромно уништување, десетици жртви и стотици исчезнати лица. Спасувачките екипи водат трка со времето во потрага по преживеани, додека меѓу исчезнатите има голем број странски туристи.

Според најновите информации, бројот на загинати продолжува да расте, а стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати. Непалскиот туристички одбор соопшти дека меѓу исчезнатите се 291 странски државјанин и 93 Непалци. Најтешко е погоден планинскиот округ Расува, во близина на границата со Тибет. Огромна количина вода и кал однела куќи, патишта и мостови, а оштетени се и хидроенергетски објекти и друга инфраструктура. Цели населени места останале отсечени од светот.

Силата на водата била толку голема што на одредени места спасувачките хеликоптери не можеле ниту да слетаат. Властите ги повикале жителите покрај реката Боте Коши итно да се повлечат кон повисоките места поради опасност од нови поплавни бранови.

Меѓу исчезнатите странски државјани има туристи од повеќе земји, меѓу кои Индија, САД, Велика Британија и Малезија. Само од Индија се водат како исчезнати повеќе од 100 лица, додека потврдено е дека меѓу исчезнатите има и американски туристи.

Драматични снимки и фотографии од погодените подрачја покажуваат огромни количества матна вода кои носат сè пред себе, уништени објекти и прекинати патишта. Спасувачките операции дополнително ги отежнуваат планинскиот терен и високото ниво на водата.

Катастрофата го погодила и соседниот Тибет. Кинеските власти соопштија за жртви и исчезнати во областа Гиронг, каде што се прекинати патишта, електричната енергија и комуникациите. Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди максимални напори за пронаоѓање на исчезнатите.

Причината за катастрофалниот поплавен бран сè уште се истражува. Првичните информации укажуваат дека лавина од мраз и карпи можеби ја блокирала реката, по што дошло до нагло ослободување на огромна количина вода.

Потрагата по исчезнатите продолжува, а властите предупредуваат дека конечниот биланс на трагедијата може да биде значително поголем.

Back to top button
Close