Исмаил Јахоски и Мендух Тачи – најбогати пратеници во Македонија


Двајца актуелни пратеници имаат пријавена вредност на имот поголема од еден милион евра, а уште неколку се приближуваат до милионската граница, покажува анализата на јавно достапните анкетни листови и податоците од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Убедливо на врвот е пратеникот Исмаил Јахоски, кај кого може да се пресмета имот во вредност од најмалку 2,287 милиони евра. Реалната вредност на сè што е наведено во неговиот анкетен лист, сепак, е повисока, бидејќи за дел од недвижностите воопшто не е наведена вредност.

Според анализата на Центарот за истражувачко новинарство СКУП, најголем дел од пресметаното богатство на Јахоски се побарувања по дадени заеми, приходи од закупнини, поврат на заеми и лични депозити. Целиот имот е пријавен на негово име.

Втор на листата е Мендух Тачи со пријавени 1,23 милиони евра. Тачи е единствениот покрај Јахоски кај кого јавно сумираната вредност на пријавениот имот ја надминува границата од еден милион евра.

На третото место е лидерот на СДСМ Венко Филипче. Неговиот најнов анкетен лист како пратеник покажува пријавен имот чија пресметана вредност е околу 850.000 евра. СКУП ја пресметува на 850.659 евра, но и ова не мора да биде конечната вредност, бидејќи за дел од пријавените хартии од вредност нема наведена сума.

Во неговата изјава се наведени шест стана во Скопје, автомобил во сопственост на сопругата, мотор „Indian Pursuit“ и хартии од вредност.

Веднаш зад Филипче е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски со 802.601 евро пријавена вредност. Во петтата изборна единица тој е далеку пред останатите пратеници од неговата коалиција – Олга Лозановска има 387.782, а Кире Божиновски 352.195 евра.

Меѓу пратениците со најголем имот е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.

Back to top button
Close