Пресврт во случајот со мазутот: Повторно се отвора предметот против Капушевски и Јахоски со образложение дека имало слабости во вештачењата
Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино продолжува, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ против одлуката со која претходно беше запрена постапката против 13 физички и едно правно лице.

Со новото решение, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е задолжено да ја продолжи истрагата за сомневањата за злоупотреба на постапка за јавна набавка и перење пари, а обвинителот кој постапува во предметот добил и дополнителни насоки.
Од Вишото обвинителство велат дека при разгледувањето на предметот биле констатирани слабости во вештачењата врз кои првостепениот обвинител ја темелел одлуката да ја запре истрагата.
Поради тоа, се бара повторно да се утврдат сите поединечни дејствија на осомничените и да се испита дали некој од нив директно или со помагање овозможил голема имотна корист за еден од осомничените и неговото правно лице.
Посебно треба да се провери дали средствата што ЕСМ ги добил наменски од државниот буџет биле злоупотребени преку примена на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки.
Вишото обвинителство го задолжило ОЈО ГОКК да прибере и дополнителни податоци од повеќе институции и да нареди нови вештачења, со цел прецизно да се испитаат сите околности и евентуалната кривична одговорност.
Претходно, ОЈО ГОКК ја запре истрагата по околу една година постапување, со образложение дека не биле утврдени докази дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту друго дело што се гони по службена должност.
Во истрагата беа опфатени 13 лица, меѓу кои и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ.
Предмет на постапката беа набавките на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза, сомневањата за незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари.
ОЈО ГОКК претходно тврдеше дека постапките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци, дека биле контактирани сите оператори со лиценца за трговија со мазут и дека не била утврдена штета за ЕСМ или за државниот буџет.
ЕСМ, како оштетено правно лице, поднесе приговор на таквата одлука, кој сега е уважен.
Со одлуката на Вишото јавно обвинителство, тие заклучоци повторно ќе бидат предмет на проверка, а истрагата за набавките на мазут практично се враќа во активна фаза.






