„Не е проблемот што народот не раѓа, туку што младите си заминуваат“, вели Левица по вчерашната изјава на Јаневска за демографската состојба
Левица преку соопштение упати критики до Јаневска и Мицкоски за демографската состојба: „Не е проблемот што народот не раѓа, туку што младите си заминуваат“

Левица ја обвини власта дека наместо со конкретни мерки да се справува со намалувањето на бројот на деца и иселувањето на младите, вината ја бара во нивните „вредности“.
Од партијата реагираат на изјавата на министерката за образование Весна Јаневска, која на почетокот на учебната година им порача на првачињата да бараат од родителите да им родат братче или сестриче, оценувајќи дека на тој начин шестгодишни деца се ставаат во позиција да бидат одговорни за демографските проблеми во државата.
„Додека клупите остануваат празни затоа што цели семејства ја напуштаат Македонија, министерката задолжена за образованието им држи лекции на шестгодишни деца, кои уште немаат научено да читаат и пишуваат, како тие треба да ја решаваат демографската криза“, наведуваат од Левица.
Од партијата ги критикуваат и ставовите на премиерот Христијан Мицкоски, кој, според нив, намалувањето на бројот на деца го поврзал со „погрешните вредности“ што се пренесуваат преку образовниот систем.
Левица оценува дека причините за демографскиот пад треба да се бараат во условите за живот на младите, вработувањето, можноста за решавање на станбеното прашање, состојбата во здравството и образованието, како и во корупцијата и партизацијата на институциите.
„Македонија не останува без деца затоа што младите одеднаш престанале да сакаат семејства. Македонија останува без деца затоа што останува без млади луѓе“, велат од Левица.
Во соопштението партијата посочува и на иселувањето на младите, наведувајќи дека голем број македонски студенти се школуваат во странство и дека значителен дел од младите би ја напуштиле земјата доколку им се укаже можност.
Левица дополнително го критикува Мицкоски поради, како што наведува, неговото поранешно размислување за воведување данок за немажени и неженети, оценувајќи дека таквите идеи претставуваат погрешен пристап кон демографската политика.
Од партијата заклучуваат дека наместо граѓаните да се обвинуваат за нискиот наталитет, државата треба да создава услови младите да останат, да работат и да основаат семејства во Македонија.






