Истрага за унгарскиот кредит за С. Македонија
Унгарските власти отворија кривична истрага за наводни злоупотреби во државната Ексимбанка преку која владата на Христијан Мицкоски зема кредит за време на мандатот на претходниот премиер Виктор Орбан. Станува збор за најнов потег на владата на унгарскиот премиер Петер Маѓар во насока на испитување на сомнежите за корупција во работењето на банката за време на претходната администрација.

Според Ројтерс, повикувајќи се на соопштение од унгарската полиција, се истражуваат четири случаи поврзани со Ексимбанка под сомнение за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Меѓу предметите на истрагата е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија, за кој Министерството за економија во јули поднело пријава по спроведена ревизија на банката.
Во рамки на истрагата, истражителите во понеделник заплениле илјадници страници интерна документација од Министерството за економија.
„Овие документи се обезбедени во текот на внатрешната истрага и содржат дополнителни информации важни за испитувањето на пријавените дела“, се наведува во полициското соопштение.
Ексимбанка, која до јуни 2022 година беше под надлежност на Министерството за надворешни работи, а потоа премина под надзор на Министерството за економија, засега не одговорила на барањата за коментар.
Под истрага условите за кредитот за Северна Македонија
Петер Маѓар, кој на изборите во април стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, вети борба против, како што тврди, широко распространетата корупција во институциите за време на претходната влада. Орбан во повеќе наврати ги отфрли ваквите обвинувања.
Во јули, Министерството за економија до полицијата доставило четири предмети поврзани со работењето на Ексимбанка. Еден од нив се однесува на кредитот за Северна Македонија, одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и со целосна државна гаранција.
Според Маѓар, постои сомнеж дека средства првично наменети за поддршка на унгарските компании биле искористени за зајакнување на странски политички сојузници, при што можно е корист да имале и фирми блиски до поранешната власт.
Каде завршија средствата од унгарскиот кредит?
Средствата од унгарската кредитна линија се дел од заемот што Владата на Северна Македонија го обезбеди од Унгарија. Договорот беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта.
Од вкупниот износ, 250 милиони евра се пласирани директно во домашното стопанство за поддршка на развојот и инвестициите. Дополнителни 250 милиони евра се наменети за финансирање проекти во општините.
Преку јавни повици на Владата, овие средства се насочени кон капитални и инфраструктурни проекти низ општините во Северна Македонија. Станува збор за повеќе од 18 милијарди денари наменети за изградба и реконструкција на детски градинки, училишта, спортски сали и локални улици, како и за изградба на гасоводна мрежа во Куманово.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно оцени дека средствата ќе придонесат за подобрување на инфраструктурата и за забрзување на реализацијата на развојните проекти на локално ниво.
Под проверка и други проекти финансирани од Ексимбанка
Еден од случаите што исто така е предмет на истрага се однесува на инфраструктурен проект во Африка. Според Маѓар, Ексимбанка и Унгарската банка за развој обезбедиле гаранција за финансирање во вредност од 126 милијарди форинти, односно околу 398 милиони долари.
Унгарските власти најавуваат темелна проверка на сите четири случаи со цел да утврдат дали биле почитувани законските процедури и дали државните средства биле користени согласно нивната намена.
Проверките на кредитите одобрени преку Ексимбанка беа најавени уште во јули. Интересот за случаите е особено голем бидејќи банката е во целосна државна сопственост.
Што е Ексимбанка?
Ексимбанка е основана со закон на унгарскиот парламент во 1994 година со цел да ја поддржи надворешната трговија и извозот на унгарските компании.
Банката функционира во интегриран систем заедно со унгарската компанија за осигурување на извозни кредити МЕКСИБ. Нивната заедничка мисија е поддршка на унгарските извозници преку зачувување на работните места, поттикнување на вработувањето и проширување на извозните капацитети на Унгарија. Двете институции работат под заедничкиот бренд ЕКСИМ. (Dw)






