Во Хрватска условно осуден државјанин на БиХ поради величење на Ратко Младиќ на социјалните мрежи

Четириесет и тригодишен државјанин на Босна и Херцеговина е условно осуден на 15 дена затвор во Хрватска, откако полицијата во градот Кореница го уапсила поради величење на осудениот босански српски воен злосторник Ратко Младиќ на социјалните мрежи, јави Хина, повикувајќи се на Полицијата на Личко-сењската жупанија.
Полицијата го истражувала мажот поради сомневање дека на социјалните мрежи објавувал фотографии, симболи, песни и текстови со кои јавно величел и изразувал благодарност кон лице осудено за воени злосторства, со што предизвикал вознемиреност, непријатност и чувство на навреденост кај граѓаните.
По истрагата, тој бил изведен пред надлежниот суд под обвинение за прекршок и условно осуден на 15 дена затвор, со едногодишен период на проверка. Пресудата ќе биде извршена само доколку во наведениот период тој стори едно или повеќе други кривични дела.
Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија по обвиненија за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Тој почина во затворот во Хаг на 27 август.
Вчера босанското обвинителство соопшти дека по смртта на Младиќ добило илјадници пријави против лица осомничени за кривично дело „величење на осуден воен злосторник“, но ниту една од пријавите не била поднесена од полициска служба.






