Ердоган: Односите на Турција со Русија и Кина не значат оддалечување од Западот


Турција не се oдалечува од Западот додека настојува да ги продлабочи врските со Истокот – изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, враќајќи се од самитот на Шангајската организација за соработка.

На самитот во Киргистан, Ердоган имал средба со рускиот претседател Владимир Путин, на која разговарале за натамошната нуклеарна соработка.

Ердоган пред новинарите во авионот ја повтори целта на Турција да стане полноправна членка на Шангајската организација за соработка (ШОС), во која меѓу десетте сегашни членки се Русија, Кина, Индија и Иран.

– Исто така би сакал да нагласам дека перспективата за членство на Турција во организацијата не значи оддалечување или вртување на грбот кон Западот – потенцираше Ердоган.

Осврнувајќи се на војната во Украина, при што Анкара одржува пријателски односи и со Москва и со Киев, Ердоган рече дека неговото и очекувањето на Путин е „војната меѓу Русија и Украина што поскоро да заврши по мирен пат“.

Ердоган ја нагласи важноста на поморската безбедност во Црното Море, каде што цивилниот бродски сообраќај сè почесто е цел на напади.

– Постои потреба од механизам што трајно ќе ја гарантира безбедноста на комерцијалниот поморски транспорт во Црното Море – оцени Ердоган, додавајќи дека би било „корисно“ да се спречи „повторното разгорување на кризата со житото“.

Турција во 2022 година посредуваше во договорот за извоз на жито, со кој беа отворени украинските пристаништа и беше овозможено извезување руска храна и ѓубрива. Договорот, од кој Путин се повлече една година подоцна, беше од исклучително значење за глобалното снабдување со храна, особено во Африка, на Блискиот Исток и во Азија.

Шангајската организација за соработка, основана во 2001 година, ги вклучува и Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Пакистан и Белорусија. Организацијата се претставува како противтежа на глобалното влијание на САД.

Back to top button
Close