Државен срам е кога партијата ја присвојува историјата, а државата ја губи меморијата

Трифун Костовски

Деновиве одбележуваме 35 години од независноста на нашата држава. Тоа се три и пол децении исполнети со многу надеж, успеси и разочарувања, политички заблуди и тешки компромиси. На покана, од мојот долгогодишен пријател, режисерот Никола Калајџиски, со големо задоволство присуствував на официјалната промоција на документарниот филм „Глигоров од Македонија“, посветен на првиот претседател на самостојна Македонија, Киро Глигоров. Самата желба да се создаде документарен филм за претседателот Глигоров заслужува почит. Но, начинот на кој е направен и претставен филмот отвора прашања што не смеат да бидат премолчани. Филмот е финансиран од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, партија која е дел од нашиот демократски систем од првиот ден на независноста и која повеќе од дваесет години учествувала во управувањето со државата, но претседателот Глигоров не ѝ припаѓа на една партија.

Првиот претседател на независна Македонија е дел од државната меморија и им припаѓа на сите македонски граѓани.

Затоа документарен филм за неговиот живот и дело не смее да биде еднопартиски чин, ниту средство за дневно политичко присвојување на историјата. Ваквите проекти мора да носат силен државен и обединувачки белег, со учество на релевантни личности од различни политички, општествени и научни средини. Националното и државното чувство се гради преку почитта кон луѓето кои со својата работа оставиле вистинска трага во нашето постоење. Сепак, Почит не значи создавање култ, ниту премолчување на грешките. Таа значи чесно и целосно соочување и со добрите и со лошите страни на нивното наследство. Не сум експерт за документарен филм, но чувството со кое ја напуштив проекцијата беше поразително. Вината за тоа не ја гледам во ликот и делото на Киро Глигоров, туку во системот кој не успеал неговата државничка улога да ја претстави достоинствено, професионално и историски целосно.

Недозволиво е во документарен филм за првиот претседател на независна Македонија да не проговори ниту еден странски државник за неговото дело, иако сум убеден дека многу негови современици и соговорници со задоволство би дале сведоштво за него.

Токму тие сведоштва би ѝ дале на приказната меѓународна тежина и би покажале како Киро Глигоров и Македонија биле препознаени и прифатени надвор од нашите граници. Нивното отсуство го направи филмот историски и содржински нецелосен. Не може да се премолчат ниту техничките слабости. Во време на современа дигитална технологија, недозволиво е еден ваков државно значаен документарен проект да биде визуелно непрегледен и технички недоработен. Кога се обработува ликот на првиот претседател на независна Македонија, професионалноста не е прашање на вкус, туку обврска кон историјата.

Меѓу партиската налудничава омраза денес станува синоним за безредие во обликувањето на нашата иднина како држава, татковина и нација. Наместо да ги препознаваме личностите и настаните што нè обединуваат, ние ги делиме, ги присвојуваме и ги претвораме во партиска сопственост.

Држава што ја дели сопствената историја по партиски книшки, ја дели и сопствената иднина.

Затоа упатувам честитка за иницијативата да се сними ваков филм, но истовремено инсистирам да бидат создадени сериозни и професионални документарни филмови за сите поранешни претседатели на државата и претседатели на Владата. Во нив мора чесно да бидат прикажани и нивните позитивни дела и нивните погрешни одлуки, сето она што го придвижувало, но и она што го забавувало нашиот државен развој и патот кон Европската Унија. Накусо кажано, заслугите и слабостите.

Нација и држава се градат со личности кои со текот на времето заслужуваат почит за своите дела, но не и немост и немоќ пред лошите одлуки на врвните политичари. Без силни, авторитетни и одговорни личности во политиката, стопанството, науката, уметноста, културата, музиката и спортот, не можеме да изградиме силна држава.

Човекот како поединец не е совршен. Секој од нас носи и доблести и слабости. Доблестите треба да ги негуваме, возвишуваме, а слабостите да ги надминуваме признавајќи ги, посочувајќи ги, не поради одмазда или омраза, туку истите грешки никогаш повеќе да не ни се повторат.

На промоцијата на филмот говореше и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче. Во својот говор тој ги истакна делата на претседателот Киро Глигоров и неговата политика на еквидистанца кон сите наши соседи. Според моето длабоко уверување, таквата политика била целосно оправдана во тој историски период, кога нашата држава била економски и воено мошне кревка во споредба со соседите. Господинот Филипче особено го нагласи пристапувањето кон Европската Унија и потребата од отворање на Уставот за внесување на Бугарите во него. Спонтано, гласно и од длабочината на своето убедување, во присуство на многубројни членови и поддржувачи на СДСМ, извикав: „НИКОГАШ!“

За мене дипломатијата е највисоката алатка за создавање мир и иднина за сите граѓани во регионот. Но и дипломатијата мора да има граница. Таа граница започнува таму каде што некој го негира моето право да бидам Македонец. Никогаш нема да се согласам со негирачкиот однос на соседна Бугарија кон македонската национална посебност. Европската Унија, која срамежливо молчи пред таквото негирање, а истовремено врши притисок врз Македонија, мора да разбере дека европската интеграција не смее да значи национално самооткажување.

 

Европа што бара од еден народ да се откаже од себеси за да стане нејзин дел, ја негира сопствената европска идеја.

 

Кога држави како Исланд можеле да го преиспитаат својот европски пат поради проценката дека нивните национални и економски интереси би биле загрозени, не можам да го разберам поривот на дел од моите Македонци кои, во името на слепото влегување во Европската Унија, се подготвени да прават отстапки што го засегаат националниот идентитет.

 

Почитувани читатели, не сум совршен. Но чувството на национална припадност, создавано и зајакнувано низ генерации, е длабоко вкоренето во мојата личност. Ако првиот претседател Киро Глигоров ја промовирал политиката на еквидистанца и бил поврзан со СДСМ, тоа не значи дека денешниот СДСМ доследно чекори по неговите стапки. Токму ова СДСМ, преку своите поранешни лидери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, ја напушти политиката на еквидистанца во односите со Грција и Бугарија.

 

Затоа мора отворено да прашаме:

 

Што добивме, а што изгубивме со уривањето на таа еквидистанца?

 

Добивме членство во НАТО, но го променивме уставното име. Денес повторно сме изложени на силни притисоци, овој пат во прашања кои непосредно го допираат нашето историско и национално самоопределување.

 

Иднината на државата зависи од нас, граѓаните, а особено од луѓето поставени на највисоките државни функции. Ако тие немаат знаење, искуство, храброст и визија, многу е почесно да се повлечат од јавниот живот отколку со својата неспособност да ја загрозуваат иднината на државата.

 

Ние, граѓаните, немаме право да молчиме поради мали и ситни лични интереси. Молкот можеби денес купува привиден мир, но утре се плаќа со несигурната иднина на нашите деца.

 

Киро Глигоров не смее да биде партиски споменик. Тој мора да биде тема на сериозна, критичка и достоинствена државна меморија.

 

Историјата не им припаѓа на партиите, ниту државата им припаѓа на политичарите. И партиите и политичарите се минливи. Народот, неговото име, јазик, достоинство и право на сопствена иднина мора да траат.

Државата не се губи само кога ќе ѝ ги одземат границите. Таа се губи и кога нејзините граѓани ќе престанат да ги бранат вистината, достоинството и правото да бидат свои на своето.

 

Back to top button
Close