4,8 милиони евра Лотарија префрлила на Авалон, ама парите биле корпорациски оти не легнале во трезорот за да „станат“ државни !?
Иако Државна лотарија е компанија во државна сопственост, директорот Александар Климовски тврди дека нејзините средства не се автоматски и буџетски пари. Одговарајќи на прашањето зошто се инсистира дека 300-те милиони денари потрошени за прославата на независноста се компаниски, а не буџетски средства, Климовски рече дека правниот статус на компанијата е клучен за оваа разлика.

„Лаички што кажувате е едно. Законски и формално-правно е друго. Зошто? Затоа што Лотарија има посебен правен субјективитет“, рече Климовски.
Според неговото образложение, фактот што основач на Државна лотарија е Владата не значи дека јавните овластувања на Владата се пренесуваат и врз самото акционерско друштво.
„Тоа што основач е ентитет со јавноправни овластувања не ги пренесува тие јавноправни овластувања во Лотарија. Тие ги има по Законот за Владата кога одлучува по прашања во надлежност на Владата. Овде е акционер“, рече Климовски.
Тој тврди дека токму посебниот правен субјективитет на Државна лотарија е причината поради која приходите на компанијата, додека се на нејзините сметки, не можат да се третираат како средства од државниот буџет.
„Ова прашање е законско, не лаичко-новинарско. Тоа се посебни пари, со посебен правен ентитет. Парите ќе станат буџетски кога низ одредена процедура и одредени одлуки ќе дојдеме до точка да ги уплатиме во трезорската сметка. Сè додека не дојде до уплата на парите – тие не се буџетски“, рече директорот на Државна лотарија.
На истото прашање се надоврза и владината портпаролка Марија Митева, која рече дека доколку се бара Владата да постапува според законот, тогаш и статусот на средствата мора да се определува според законските правила. објави Скопје1.мк






