Победи на македонските репрезентации на отворањето на шаховската Олимпијада

Македонската машка и женска репрезентација извојуваа максимални победи во воведното коло на 46. Олимпијада во шах која денеска стартуваше во вториот по големина град во Узбекистан, Самарканд.

Шахистите во воведното коло забележаа победа од 4-0 над Кајманските острови, а триумфот го донесоа Емил Ристески, Тони Лазов, Антон Златков и Филип Панчевски.

Противник на македонската машка шаховска репрезентација во второто коло ќе биде Холандија.

На машката Олимпијада настапуваат 206 репрезентации, а титулата ја брани Индија. Според рејтингот, најголеми фаворити се САД (2753), Индија (2735) и Узбекистан (2720). Македонија со рејтинг од 2.416 поени е рангирана на 39. репрезентација.

На женската Олимпијада, македонските шахистки во 1. коло извојува максимална победа од 4-0 над Сент Винсент и Гренадини. Стартната победа ја обезбедија Моника Жежовска, Ивана Манова, Сања Трајковска и Катерина Петровска.

Македонските шахистки, кои со просечен рејтинг од 1.982 поени се рангирани на 67. место, утре во второто коло за противник ќе ја имаат репрезентацијата на Аргентина.

На женскиот олимписки турнир настапуваат 186. репрезентации, а титулата ја брани Индија, која и овој пат е најголем фаворит за златниот медал.

Back to top button
Close