Жените во Македонија за еднаква работа заработуваат 12 отсто помалку од мажите

И покрај законските гаранции за еднаква плата за еднаква работа, жените и понатаму заработуваат помалку од мажите, алармираат од Алијансата за родова еднаквост (GEA) по повод 18 септември, Меѓународниот ден на еднаква плати.
Во Македонија, последните официјални податоци покажуваат дека родовиот јаз во платите изнесува околу 12 отсто, а најголемите разлики се забележуваат кај лицата со високо образование и кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Ова покажува дека високото образование и професионалното искуство сами по себе не се доволни за да обезбедат еднаква економска положба на жените, пренесува агенцијата Мета.мк.

 

Од организацијата посочуваат дека родовиот јаз во платите не започнува на денот кога се исплаќа платата, туку многу порано, а разликата во заработувачката е видлива последица на невидливите нееднаквости што се акумулираат во текот на целиот работен век на жените.

„Таа започнува со изборот на професија, продолжува преку ограничените можности за напредување, недоволната застапеност на раководни позиции, поголемата грижа за семејството и домот, нееднаквиот пристап до финансии и претприемништво, а на крајот се рефлектира и во висината на платата, пензијата и економската сигурност“, велат од Алијансата.

Принципот на еднаква плата за еднаква работа е утврден уште со Договорот од Рим во 1957 година и претставува едно од основните начела на Европската Унија. Сепак, и покрај повеќе од шест децении законски гаранции и политики за еднаков третман, напредокот во намалувањето на родовиот јаз во платите останува бавен.

Според Меѓународната организација на трудот (ILO), жените на глобално ниво и понатаму заработуваат околу 20% помалку од мажите, додека најновите податоци на Евростат покажуваат дека родовиот јаз во платите во Европската Унија во 2024 година изнесува 11,1%. Иако во последните години се бележи постепено намалување на разликите, тие остануваат значајни, особено кај жените на повисоки позиции и во најпродуктивниот дел од работниот век.

Извор: Алијанса за родова еднаквост

Според Алисансата, важно е да се нагласи дека родовиот јаз во платите не значи дека секоја жена добива пониска плата од својот машки колега за истото работно место. Тој претставува разлика во просечните заработувачки на сите жени и мажи на пазарот на трудот и е резултат на комбинација од повеќе фактори – хоризонтална и вертикална сегрегација, недоволна застапеност на жените на раководни позиции, почести прекини во кариерата поради семејни обврски, нееднаква распределба на неплатената грижа, но и директна и индиректна дискриминација.

Во текот на изминатата година, анализите на Алијансата покажаа дека овие нееднаквости не се ограничени само на платите. Документот „Родовиот јаз во пристапот до кредити: состојба и предизвици во Северна Македонија“, изработен врз основа на податоци од Народната банка, покажа дека само 13,78% од корпоративните кредити по број и 7,83% по вредност се одобрени на компании во претежна сопственост на жени.

Извор: Алијанска за родова еднаквост

Дополнително, анализите за политичката застапеност и лидерството укажуваат дека жените и понатаму се недоволно застапени на позициите каде што се носат најважните економски и политички одлуки. Овие фактори директно влијаат врз нивните можности за професионален развој, повисоки приходи и економска независност.

Како што нагласуваат од Алијансата, родовата еднаквост не е само прашање на човекови права, туку и на економски развој. Истражувањата покажуваат дека поголемото учество на жените на пазарот на трудот, еднаквиот пристап до лидерски позиции и подобриот пристап до финансии придонесуваат за повисока продуктивност, поголема конкурентност на компаниите и поодржлив економски раст.

„Ако сакаме да го намалиме родовиот јаз во платите, мора да престанеме да го гледаме само како прашање на плата. Тој е резултат на сите нееднаквости што жените ги доживуваат во текот на кариерата – од образованието и првото вработување, преку пристапот до финансии и можностите за напредување, до учеството во носењето одлуки. Еднаквата плата е последица на еднаквите можности, а не обратно“, истакнуваат од Алијансата.

Од таму апелираат до институциите, работодавачите и креаторите на политики да креираат мерки и политики што ќе обезбедат поголема транспарентност на платите, еднакви можности за напредување, поголема застапеност на жените на лидерски позиции, подобар пристап до финансии за жените претприемачи и редовно следење на родово разделените статистички податоци.

 

Back to top button
Close