Бугарија прифати ЕУ да биде вклучена во разговорите со Македонија, но порача дека обврските остануваат
Бугарија нема ништо против Европската Унија да биде вклучена во разговорите со Македонија, но останува на ставот дека Скопје треба да ги исполни веќе преземените обврски на патот кон членство во Унијата.

Реакцијата од Софија следува откако македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека за Македонија е важно Европската Унија да биде присутна во сите идни разговори со Бугарија.
Според Муцунски, европското присуство може да биде преку институциите на ЕУ или преку поединечни земји членки. Тој посочи дека вклучувањето уште една страна во процесот би требало да помогне во градењето доверба меѓу Скопје и Софија, за која оцени дека во моментов недостасува.
Одговорот на бугарската страна практично остава простор Европската Унија да биде дел од идните разговори, но без промена на позицијата на Софија во однос на условите за натамошен напредок на Македонија.
Меѓу обврските на кои се однесува процесот е и уставната измена со која Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав. Македонската влада, од своја страна, бара поголема предвидливост на процесот и гаранции дека по исполнувањето на ова барање нема да се појавуваат нови билатерални услови во следните фази од пристапувањето. (Sloboden pecat)






