Планот на „шемаџиите“ и „пучистите“ е пишуван во белата палата. Филипче им порача – нама да ви помине

Видовме на едно место мала група на пучисти на поранешни функционери на СДСМ но и членови на други партии. На ЛДП, на луѓе вработени во ЗНАМ, но и на Левица – партија со целосно спротивни вредности од нашите. Партијата која отворено застапува руски и кинески инетреси кај нас и е финансирана од Русија и Кина, тука, во НАТО земја… сите тие седнати на едно место, сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место, тотална шизофренија, обвини Филипче

Планот за реформи во СДСМ кој се очекува да го достават претставниците на платформата „Разговори за Македонија 12:05“ е пишуван во белата палата на Христијан Мицкоски, знаеме што пишува во него, вели претстедателот на СДСМ Венко Филипче, нарекувајќи ги „пучисти“ и „шемаџии“ поддржувачите на иницијативата. Тој на денешната прес-конференција обвини дека тие се луѓе кои се борат единствено за лични интереси , наместо за граѓаните и државата.

„Видовме на едно место мала група на пучисти на поранешни функционери на СДСМ но и членови на други партии. На ЛДП, на луѓе вработени во ЗНАМ, но и на Левица – партија со целосно спротивни вредности од нашите. Партијата која отворено затапува руски и кинески инетреси кај нас и е финансирана од Русија и Кина, тука, во НАТО земја… сите тие седнати на едно место, сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место, тотална шизофренија“, кажа Филипче.

Според него, целта на нивните средби е да ја дефокусираат јавноста од актуелните проблеми, што е доказ за соработката со власта.

„Вчера се докажа дека СДСМ е единствениот опозициски бастион во земјава, единствена партија која е носител на опозициското движење и која ја канализира целата опозициска енергија во Македонија. Жалам што тие поранешни наши партиски функционери и партиски другари ги потценија членовите на СДСМ, но вистината ќе излезе на виделина и тие ќе се срамат пред сите нас, не само пред СДСМ туку пред целата јавност. Година дена работат против партијата, роварат, зборуваат со луѓе, шират невистини, лаги и клевети. Се поставува прашањето зошто сега така силно излегуваат во јавноста? Зошто сега кога се намалува рејтингот на ВМРО криминалната група и на шефот на мафијата Христијан Мицкоски, а нашиот рејтинг постепено но сигурно почнува да расте? Зошто сега ја дефокусираат јавноста од сите битни теми?“ рече Филипче.

Вчера поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, Игор Ивановски кажа дека лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата. Во изјава за медиумите тој посочи дека на Филипче ќе му достават План за консолидација и структурни промени, за кои тврди многупати се разговарало во партијата и му порача на партискиот лидер да ги прифати за, како што рече тој, доброто на партијата.

„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, да со своите постапки помогне да оваа во момент заробена партија се отвори и се врати на членството. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ, членството е на наша страна, во огромно мнозинство“, рече Ивановски.

Планот за реформи, како што рекоа, ќе го достават до раководството на СДСМ следната недела.

„Нема да чекаме повик, ќе биде доставена, но принципиелно рековме до тој момент нема да објавуваме ништо. Ќе оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден , два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Дали ќе ја искомуницира со јавноста или не, оставаме на него. Но, апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму поради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ и да биде штитот кој само го купува времето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да останат на власт“, порача пратеничката Савјанка Петровска.

На вчерашната средба присуствуваше и Левица од каде порачаа дека тие можат да разговараат со различни опозициски елементи во општеството, во услови на економско деградирање и крајна неказнивост меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close