Герасимовски: Вложуваме во дигитална инклузија, создаваме еднакви можности за секое дете објави Скопје1.мк

Општина Центар, во соработка со Центарот за асистивна технологија при здружението „Отворете ги прозорците“, обезбедува бесплатна и индивидуализирана стручна поддршка за деца и млади со различни видови попреченост, како и за нивните семејства.
„Силно го поддржуваме овој проект. Вложуваме во дигиталната инклузија бидејќи достапноста до интернет и дигиталните алатки значи полесна комуникација, учење и поголема независност за нашите деца и млади. Интернетот е прозорец кон светот, а наша обврска е тој свет да биде достапен за секое дете и секој млад човек“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Поддршката во Центарот се приспособува на способностите, потребите и целите на секое дете, со цел да му се олеснат комуникацијата, учењето и вклучувањето во образовниот процес, но и да се поттикне поголема самостојност во секојдневието.
Асистивната технологија се избира и приспособува индивидуално. Стручниот тим ги прилагодува компјутерите, софтверот и апликациите според потребите на корисниците, за тие полесно да читаат, пишуваат, учат и работат.
Поддршка добиваат и родителите, кои се упатуваат како технологијата да ја користат и во домашни услови. На тој начин, помошта продолжува и надвор од Центарот.
Од Општина Центар посочуваат дека преку соработката се создаваат поголеми можности за децата со попреченост да ги развиваат своите способности, да стекнуваат самодоверба и да бидат поактивни и посамостојни.






