По 18 дена е изгаснат пожарот на Брач, причината сè уште се утврдува

Големиот пожар на хрватскиот остров Брач, кој избувна пред 18 дена меѓу населените места Ложишќа и Бобовишќа и зафати околу 5.000 хектари борова шума, ниска вегетација и трева, официјално е прогласен за изгаснат, но причината за неговото настанување сè уште не е позната.

Сплитско-далматинската полиција за хрватската новинска агенција Хина потврди дека на местото на пожарот сè уште трае полицискиот увид, по чиешто завршување треба прецизно да се утврди како избувнала огноносната стихија.

Пожарот избувна вечерта на 10 септември, а поради силниот ветер и непристапниот терен брзо се прошири кон заливите Дубока, Лучице и Осибова, како и кон местото Милна. Во текот на драматичната интервенција беа спасени сите станбени објекти, а од Милна по морски пат превентивно беа евакуирани околу 700 луѓе. Две лица се здобија со полесни телесни повреди.

Поради пожарот неколку дена беше прекинат сообраќајот на локалните патишта, а со огнената стихија се бореа стотици пожарникари од цела Хрватска. Голема помош на теренот пружија и противпожарните воздухопловни сили, кои во истиот период паралелно гаснеа и други пожари во Сплитско-далматинската жупанија.

Борбата со огнот дополнително ја отежнуваше силната бура. Иако пожарникарите во неколку наврати успеваа да ја стабилизираат состојбата на пожариштето, силниот ветер повторно го разгоруваше огнот. Пожарот првично беше локализиран пред десет дена, по што следеше негово конечно ликвидирање.

Back to top button
Close