Вадефул: Рускиот империјализам е најголемата закана за Европа

Шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, денеска, за време на неговата посета на Словачка изјави дека рускиот империјализам претставува најголема закана за Европа и додаде дека доведувањето во прашање на таа проценка би било неодговорно.

„Најголемата закана за слободата на нашиот континент доаѓа од Москва. Најголемата опасност за Европа е воинствениот империјализам на (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Вадефул на средбата со својот словачки колега Јурај Бланар, пренесуваат британските медиуми.

Тој додаде дека доведувањето во прашање на тој факт не е само израз на недостаток на солидарност, туку би било едноставно неодговорно.

Словачка, предводена од владата на премиерот Роберт Фицо, го доведе во прашање пристапот на Европската Унија и НАТО кон војната што следеше по руската инвазија на Украина во 2022 година, наведуваат британските медиуми.

Претходно месецов, Фицо критикуваше одредени западни политичари кои сакаат да поттикнат конфликт меѓу НАТО и Русија, оценувајќи дека стратегијата за поразување на Москва „не успеала“.

Тој, исто така, рече дека Европа е поблиску до војна од кога било и дека сака да ја држи Словачка подалеку од конфликтот.

Во телевизиско интервју за време на викендот тој рече дека не верува оти сојузниците ќе ги испратат своите војници да ѝ помогнат на Словачка во случај на војна.

Фицо претходно изјави дека би претпочитал неутралност на Словачка, но дека земјата е обврзана со членството во НАТО.

Словачките опозициски партии го критикуваа Фицо за доведување во прашање на посветеноста на Словачка кон принципот на колективна одбрана на НАТО.

Вадефул денеска рече дека државите мора да се потпрат на безбедносните гаранции и предупреди дека доведувањето во прашање на способноста на НАТО да ги одврати потенцијалните напади става сè во опасност.

Тој исто така рече дека ЕУ веќе доживеа „систематска опструкција“ на одлуките од страна на Унгарија под поранешниот премиер Виктор Орбан, чие 16-годишно владеење заврши со изборен пораз претходно оваа година.

Орбан често пати ги блокираше или забавуваше мерките на ЕУ против Русија.

На почетокот на оваа година, Словачка, заедно со Унгарија и Чешка, одлучи да не учествува во заемот на ЕУ за Украина, а претходно го одложи воведувањето санкции против Русија поради прашања поврзани со енергијата.

Вадефул оцени дека „блокадите“ во Брисел ја ослабуваат ЕУ.

„На крајот, најмногу ѝ штети на страната што блокира“, рече германскиот министер за надворешни работи.

Back to top button
Close