Русија не покажува интерес за сериозни мировни преговори за Украина и покрај средбата Лавров-Вадефул во ОН, вели Мерц


Средбата меѓу германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и неговиот руски колега Сергеј Лавров докажа дека Русија воопшто не е заинтересирана за сериозни мировни преговори за Украина, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Правиме многу интензивни дипломатски напори“, рече германскиот канцелар, осврнувајќи се на ненадејната средба меѓу Јохан Вадефул и Сергеј Лавров пред говорот на рускиот министер за надворешни работи на Генералното собрание на ОН.

Ова беше првата средба меѓу Берлин и Москва откако започна целосната инвазија на Русија во Украина во 2022 година. Оттогаш, Германија е главен воен поддржувач на Киев.

„Но, јасно е дека понатамошната проценка на средбата од руска страна покажа дека Русија воопшто не е заинтересирана за сериозни преговори во моментов“, рече Мерц за време на прес-конференцијата со казахстанскиот претседател Касам-Џомарт Токаев.

По средбата со својот германски колега, Сергеј Лавров одржа остар говор во ОН, обвинувајќи ја Европа дека се спротивставува на мирот во Украина и ветувајќи дека Москва ќе ги исполни своите воени цели во Украина „без оглед на околностите“.

„Можеме само уште еднаш да ја повикаме руската влада да седне на преговарачка маса и да води сериозни разговори за да се стави крај на оваа војна“, додаде Фридрих Мерц.

Тој, исто така, вети дека „ќе се вложат сите напори за да се продолжи со помагањето на Украина, а Русија ќе мора да ја плати цената ако војната продолжи“.

Back to top button
Close