Паника на летот Дубаи–Тел Авив: Пилотите се степале, од авионот бил испратен сигнал за киднапирање
Авион на компанијата Flydubai со 174 патници, меѓу кои 27 деца, бил принудно пренасочен и слетал во Саудиска Арабија откако двајцата пилоти физички се пресметале во кокпитот. Инцидентот предизвикал сериозна безбедносна тревога, бидејќи од авионот бил испратен код што се користи при киднапирање.

Летот од Дубаи кон Тел Авив полетал во 7:05 часот и требало да слета на аеродромот „Бен Гурион“ околу 9:30 часот. Околу час и половина по полетувањето, додека авионот влегувал во воздушниот простор на Јордан, бил испратен код 7700 за општа опасност, а потоа и код 7500, кој означува незаконско преземање на контролата врз авионот.
Израелските власти првично се посомневале во можна киднапирачка акција. Поради неизвесноста околу случувањата во кабината, израелското воено воздухопловство кренало борбени авиони, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац свикале итни безбедносни консултации.
Авионот во меѓувреме го сменил правецот, се вратил во воздушниот простор на Саудиска Арабија и летал на значително помала височина. Надлежните служби подоцна утврдиле дека алармот не бил предизвикан од киднапери, туку од физичкиот конфликт меѓу пилотите.
Авионот безбедно слетал во Саудиска Арабија, а сите патници и членови на екипажот биле безбедни.






