По шест години судење, „Талир 1“ се враќа на почеток – повторно ќе се суди за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ
Судскиот процес за предметот „Талир 1“ повторно се враќа на почеток, откако главната расправа е одложена и е пробиен законскиот рок од 90 дена од последното одржано рочиште. Ова ќе биде седми пат постапката формално да започне одново.

Од Основниот кривичен суд Скопје денеска соопштија дека за одложувањето придонеле повеќе околности. Новата обвинителка, која го презеде предметот по повлекувањето на Ленче Ристоска, претходно побарала дополнително време за да се запознае со обемниот доказен материјал и вештачењата, додека недоаѓањето на еден од обвинетите дополнително го оневозможило одржувањето на расправата.
Поради пробивањето на законскиот рок, судскиот совет повторно ќе мора формално да ја започне постапката. Тоа значи дека одново ќе треба да се изведуваат доказите и да се сослушуваат сведоците во предметот, кој повеќе од шест години е во судска постапка.
„Талир 1“ се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, при што обвинителството тврдеше дека повеќе од 4,6 милиони евра биле внесени во партиската каса преку фиктивни уплатници на име на партиски членови.
Во текот на постапката, предметот претрпе значителни промени поради измените на Кривичниот законик и долгото времетраење на судењето. Делото „Злоупотреба на службената положба“, за кое беа обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и Кирил Божиновски, во меѓувреме застари.
Во активниот дел од предметот останува обвинението за „перење пари“. Покрај обвинетите физички лица, за ова дело е обвинета и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице. Постапката за овој дел сега повторно ќе започне од формалниот почеток.






