(ФОТО) Муцунски ја пречека Фон дер Лајен во Скопје
Со букет цвеќе, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претпладнево на скопскиот аеродром ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска е во официјална посета на земјава. Со посетата на Скопје, таа ја завршува годинашната турнеја низ Западен Балкан.

„Добре дојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“,
напиша Муцунски на Фејсбук.

Министерот очекува најавените средби на премиерот и претседателката со шефицата на Европската комисија да бидат конструктивни, со фокус на натамошниот напредок на земјава.
„Посетата е силна потврда за европската ориентација, посветеноста на Владата на реформските процеси, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и јасната определба за напредок во европската интеграција. За нас е важен јасен, кредибилен и предвидлив процес. Европски вредности, реформи, силни институции и конкурентна економија – за подобар живот на граѓаните“,
пишува Муцунски во фејсбук-објавата.
Со посетата на Скопје, Фон дер Лајен ја завршува овогодинешната турнеја низ земјите од Западен Балкан. Таа изминативе денови беше во посета на Албанија, Косово и Црна Гора. Шефицата на Европската комисија овој пат ги заобиколи Србија и Босна и Херцеговина поради претстојните избори во овие две земји.






