ЕУ разговара за ослободување на стратешките резерви на дизел за да ги ублажи високите цени на енергенсите
Европската Унија разговара за ослободување на стратешките резерви на дизел во обид да ги намали глобалните цени на енергијата, откако американската администрација на претседателот Доналд Трамп соопшти дека размислува за забрана на извозот на дизел со цел да изврши дополнителен притисок врз ЕУ.
– Разговорите се во тек, се одржуваат телефонски разговори – изјави денеска портпаролка на Европската комисија, додавајќи дека ЕУ ја координира својата позиција во врска со можното ослободување на резервите, но дека конечната одлука ќе треба да ја донесе Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
– Целосно отфрламе каква било забрана за дизелот. Забраната никому нема да му биде од корист – изјави портпаролката на Комисијата.
Наглото зголемување на цените на дизелот и бензинот го натера американскиот претседател Доналд Трамп да размислува за запирање на извозот на дизел во ЕУ. Американскиот министер за финансии Скот Бесент вчера изјави дека Европа треба „веднаш да стави дополнителни количества на располагање“ за да ги намали цените.
Портпаролката додаде дека експертска група претходно оваа недела заклучила оти „нема непосреден проблем со безбедноста на снабдувањето во Европската Унија“, но дека ЕУ се соочува со „криза во поглед на достапноста на енергијата“.
Лидерите на Г7, групата водечки светски економии, во која се вклучени и САД, треба да разговараат за глобалната енергетска состојба на видеоконференција, соопшти кабинетот на францускиот претседател. Францускиот претседател Емануел Макрон во текот на ноќта разговарал со Трамп за ова прашање.
Според Европската комисија, цените на дизелот во Европа се удвоиле од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, додека цените на гасот се зголемиле за 140 отсто.






