Ново археолошко богатство кај Корошишта: Пронајдена богата воена опрема од злато, бронза и килибар
Нова значајна археолошка трага од VI век п.н.е. е откриена на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта, каде што археолозите истражиле богато војничко погребување со комплетна воена опрема.

Меѓу пронајдените предмети се штит, шлем, копја и меч, како и вредни предмети изработени од злато, бронза и килибар.
Резултатите од овогодишните археолошки истражувања денеска беа јавно презентирани од Археолошкиот музеј. Истражувањата ги предводел д-р Перо Арџанлиев, а на презентацијата присуствувале директорката на Музејот, Магдалена Манаскова, и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.
Според стручњаците, новите наоди можат да придонесат за подобро разбирање на општествениот статус, воената организација и погребните обичаи во Охридско-струшкиот регион во VI век п.н.е.
Некрополата Расница привлече поголемо внимание во 2024 година, кога таму беше откриена монументална гробница со богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, златен надградник, сребрени игли и садови.
Новото откритие дополнително го збогатува археолошкиот материјал од локалитетот и дава нови податоци за периодот и за заедниците што живееле во Охридско-струшкиот регион во антиката.






