Државата по петти пат ги огласи за продажба конфискуваните станови од Груевски на Водно

Државата по петти пат ги огласи за продажба конфискуваните станови од екс премиерот Никола Груевски, откако претходно пропаднаа четири обиди да се најдат купувачи на луксузниот недвижен имот на Водно. Последниот пат Агенцијата за управување со одземени имот ги огласи апартманите по намалена цена од по 200.000 евра, а и сега се продаваат за истата сума.

Па така, едниот стан од 199 квадратни метри, кој претходно се продаваше за 847.000 евра, во последните два огласи се нуди за цена од 635.200 евра. Оној од 155 квадратни метри се продава за 569.662 евра, а пред два месеци се нудеше за 760.000 евра. И третиот стан од 200 квадратни метри се продава за пониска цена од 212.000 евра од претходно, односно за 638.000 евра.

Станува збор за три стана во Панорама резиденс, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 48 квадрати. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.

Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати

Сите заинтересирани потенцијални купувачи ќе имаат можност да ги разгледаат становите на 13 октомври, а електронското надавање ќе се оддржи на 21 октомври.

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно (fokus.mk)

Back to top button
Close