Празникот што се паѓа во недела да не се префрла како неработен во понеделник, бара Стопанска комора
Стопанската комора денеска ги презентира своите предлози за измени на Законот за празниците, со кои ќе се побара намалување на празниците во календарската година. Оттаму набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.

На денешната прес-конференција, проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, истакна дека предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.
– Нашиот предлог нема да е бришење или укинување конкретни празници, туку ревидирање на правата што произлегуваат од вака дефинирани празници за сметка на барањето за укинување прослава на некои од празниците. Па дури и сега ваква поставеност на системот може да се третира како систем што не е во согласност со Уставот бидејќи некако ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на разни групи. Ако одиме по таа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број на неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. За сметка, да речеме, на припадник на исламска вероисповед, којшто има помалку денови кои му се предвидени за прослава по однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, еве постои небулоза, да речеме, Свети Сава празникот, што кај нас е предвиден како неработен ден за припадници на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден – рече Димовска.
На ова веднаш изреагира Слободан Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, кој се спротивставува на таквата идеја.
„Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша !“, објави Трендафилов на социјалните мрежи





