Нема понуди на тендерот за вакцини против грип, Министерството за здравство очекува да бидат обезбедени во текот на месецов

Министерството за здравство работи на што побрзо обезбедување на вакцините против сезонски грип, со цел вакцинацијата на ранливите категории граѓани да започне според планираното.

Од Министерството информираат дека на тендерот за набавка не пристигнала ниту една понуда, а причината, според нив, е проблем со производството на вакцините на глобално ниво. Оваа година дошло до промена на сите три вирусни соеви што се вклучени во составот на вакцината – два за грип А и еден за грип Б.

Поради ажурирањето на соевите од страна на Светската здравствена организација и американската Агенција за храна и лекови (ФДА), производителите ширум светот го одложиле почетокот на производството.

Од Министерството велат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко, а очекувањата се вакцините да бидат обезбедени во текот на месецов преку меѓународни канали.

Од МЗ нагласуваат дека вакцинацијата останува најсигурна заштита од тешки форми на грип и компликации, особено за лицата со хронични заболувања, постарите лица и бремените жени.

За текот на набавката и понатамошните активности, граѓаните ќе бидат навремено информирани, соопшти Министерството за здравство.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close