Русија тврди дека нема опасност од епидемија на чума

Руската агенција за јавно здравје „Роспотребнадзор“ денеска соопшти дека по смртта на лаборантката во Институтот за чума во Иркутск нема епидемиолошки ризик по населението на источносибирската Иркутска област.
„Роспотребнадзор“ тврди дека за случајот ја извести Светска здравствена организација, а лицата кои биле во контакт со починатата, се тестирани на заразни болести, а резултатите не покажале знаци на инфекција ниту присуство на опасни патогени.
– Целосно се спроведени превентивни и противепидемиски мерки и не постои епидемиолошки ризик за населението во Иркутск или во регионот на Иркутск, се наведува во соопштението на „Роспотребнадзор“.
По смртта на Дарја Шипилова се појавија шпекулации дека таа се заразила со белодробна чума откако скршила епрувета со бактеријата „Јерсиниа пестис“. Но, руските власти тврдат дека во Институтот не се случил никаков лабораториски инцидент.
Според „Роспотребнадзор“, жената починала од пневмонија со непознато потекло, а во нејзините примероци не биле пронајдени микроорганизми поврзани со работата на Институтот.
Белодробната чума се пренесува преку респираторни капки, а третманот со антибиотици може да биде ефикасен доколку се започне доволно рано.






