Хамас со соопштение од 11 точки ја одбележа тригодишнината од нападот врз Израел


Палестинската милитантна група Хамас денеска, на тригодишнината од почетокот на војната во Појасот Газа, објави соопштение од 11 точки, во кое нападот врз Израел го претставува како дел од долгогодишната борба на Палестинците, правото на отпор и создавање на независна палестинска држава.

За Хамас 7 октомври е „историска точка на палестинската борба“, а нападот бил реакција на „повеќедецениската израелска окупација, блокадата на Газа, убиствата и притисоците врз Палестинците и нивните свети места“. Групата посочува дека борците на Хамас „го скршија митот за непобедливата војска“.

Во соопштението се посочува и дека враќањето на Палестинците во нивните разурнати домови е доказ дека тие ги отфрлаат плановите за раселување.

Хамас тврди дека изминатите три години убиени се над 74.000 Палестинци, а повредени се повеќе од 175.000. додека по примирјето убиени се 1.500 Палестинци и над 5.000 се повредени.

Милитантната група ги повика САД и посредниците да извршат притисок врз Израел да ги исполни преземените обврски кои би довеле од завршување на војната, обнова на Газа и целосно повлекување на израелската армија од Појасот Газа.

Хамас го повика и Меѓународниот кривичен суд и Меѓународниот суд на правдата да ги гонат одговорните за геноцид, меѓу кои и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министрите и командантите на израелската армија.

Хамас, исто така, ги повика арапските и исламските нации и меѓународната јавност да извршат дополнителен притисок и да организираат протести против војната, присилното раселување и гладот, како и да ги поддржат Палестинците.

Во својата последна точка, Хамас наведува дека Палестинците ќе продолжат да ја бранат својата земја, права и свети места и да ѝ се спротивставуваат на окупацијата сè додека таа не заврши и не се воспостави „слободна, независна и целосно суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град“.

На крајот од соопштението, Хамас им оддаде почит на загинатите лидери и борци, меѓу кои Исмаил Ханија, Салех ал-Арури, Јахја Синвар и Мохамед Деиф и побара ослободување на палестинските затвореници.

Back to top button
Close