Убиена лекарката на британското кралско семејство
Докторката Хана Кејн, која лекувала членови на британското кралско семејство, е пронајдена мртва во својот дом во Дерсингам, недалеку од кралскиот имот Сандрингам. Нејзиниот сопруг е уапсен под сомнение за убиство. Кралот Чарлс и кралицата Камила исто така биле информирани за нејзината смрт, објавија британските медиуми.

Полицијата од Норфолк била повикана во домот на Хана Кејн, професионално позната како Хана Тери, кратко по два часот наутро на 4 октомври. Повикана била брза помош, а докторката била прогласена за мртва на местото на настанот, објавија денеска лондонски медиуми.
Нејзиниот сопруг, Марк Кејн, бил уапсен под сомнение за убиство и е во притвор во исчекување на истрагата. Полицијата подоцна добила наредба за продолжување на притворот за дополнителни 32 часа за да им се даде на истражителите повеќе време. Обдукција била извршена следниот ден.
Хана Кејн работеше во Медицинскиот центар Гримстон, кој објави дека привремено ги затвора своите врати по нејзината смрт.






