БРТ не смее да ги истисне пешаците и велосипедистите од скопските булевари – предупредува „На Точак“

Главното барање на „На Точак“, сепак, останува целосна транспарентност и јавна дебата пред носењето на конечните одлуки за брзиот автобуски превоз. Бараат да се објават целото решение, профилите, анализите, алтернативите и податоците врз основа на кои ќе биде избрано решението. Нагласуваат дека не се против БРТ, туку бараат тој да се развива како интегриран, пристапен и одржлив транспортен систем, паралелно со унапредување, а не деградација, на пешачката и на велосипедската инфраструктура

Граѓанската иницијатива „На Точак“ предупредува дека воведувањето на Брзиот автобуски превоз (БРТ) во главниот град не смее да биде на сметка на пешаците и велосипедистите бидејќи, како што велат, пешачкиот и велосипедскиот сообраќај во никој случај не се споредни во однос на БРТ. Напротив, велат оттаму, само со таков заеднички пакет може да се даде соодветна алтернатива на автомобилската доминација.

„Воведувањето на БРТ може да биде важен чекор за Скопје, но не смее да се претвори во изолиран проект за автобуски траси, туку треба да биде дел од интегриран систем со железницата, останатиот автобуски превоз, пешачењето и велосипедизмот. БРТ нема само да пренамени две автомобилски во две автобуски ленти, туку ќе го промени целокупното сообраќајно решение на дел од главните булевари“,велат од „На Точак“.

Еден од најголемите ризици од воведувањето на брзиот автобуски превоз, според невладината, е начинот на кој ќе се распредели и онака ограничениот простор на дел од скопските булевари.

 

„Булеварот ‘Јане Сандански’, со профил од околу 60 метри, овозможува различни решенија. Но, ‘Партизански одреди’, ‘Климент Охридски’, ‘Кочо Рацин’, ’11 Октомври’ и ‘Кузман Јосифовски-Питу’ се значително потесни, 30, 40, максимум 50 метри и ја немаат истата комоција. Концептот треба да почне од најслабите точки, односно од делниците каде просторот е најограничен, за да се избере решение со најмалку штета за останатиот транспорт“,посочуваат од граѓанската иницијатива.

Како особено проблематичен го посочуваат делот кај Буњаковец и Архитектонскиот факултет, каде што, како што посочуваат, пешачките и велосипедските површини се со искористен капацитет и веќе се на граница на функционалност. Според „На Точак“, ако таму дополнително се намалат тротоарите за да се обезбеди простор за новиот концепт на БРТ, пешаците и велосипедистите би можеле да бидат ставени во меѓусебен конфликт.

Граѓанската иницијатива го отвора и прашањето за позицијата на брзите автобуси на коловозната лента, како и типот на врати на возилата. Оттаму сметаат дека изборот на десна врата на автобусите и движењето на БРТ во најлева лента може да ги зголеми градежните трошоци поради интервенции во просторот, додека, пак, алтернативите со централни станици и леви или двојни врати може да бидат поскапи за автобусите, но да овозможат подобро искористување на просторот и поевтина инфраструктурна реализација.

„Кое решение е подобро не треба да се одлучува само по принцип „што е подобро за постојните автобуси“, туку врз основа на конкретни податоци за времето на патување, трошоците и последиците врз целиот сообраќаен систем, oсобено пешачката и велосипедската инфраструктура“,велат од „На Точак“.

Невладината бара проектот уште од почеток да овозможи идно проширување и лесна адаптација на БРТ-коридорите за трамвајски превоз, да се овозможи предност на брзите автобуси на семафорите, како и приоритет да се стави на безбедни и пристапни станици и премини. Просторот околу станиците, пак, според нив, треба да биде квалитетен јавен простор со зеленило, сенка, места за седење и безбедна велосипедска инфраструктура.

Главното барање на „На Точак“, сепак, останува целосна транспарентност и јавна дебата пред носењето на конечните одлуки за брзиот автобуски превоз. Бараат да се објават целото решение, профилите, анализите, алтернативите и податоците врз основа на кои ќе биде избрано решението. Нагласуваат дека не се против БРТ, туку бараат тој да се развива како интегриран, пристапен и одржлив транспортен систем, паралелно со унапредување, а не деградација, на пешачката и на велосипедската инфраструктура.

Распишан е претквалификациски тендер за проектот БРТ, објави градоначалникот Ѓорѓиевски

Back to top button
Close