Муцунски за Ива Михаилова: Владата не се меша во судењето, бугарски лекари ќе можат да ѝ ја проценат здравствената состојба

Македонија е подготвена да овозможи посета на бугарски медицински специјалисти кои би се запознале со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михаилова, потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој посочи дека случајот има два одделни аспекти – судскиот процес и здравствената состојба на Михајлова.

Во однос на судската постапка, Муцунски нагласи дека извршната власт не може да се меша во одлуките на обвинителството и судовите.

„Како земја-кандидат за членство во Европската Унија, кога имате систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улогата на извршната власт да се меша во одлуките што ги носат судските органи“, изјави Муцунски пред средбата со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.

Тој додаде дека прашањата поврзани со законитоста на притворот и текот на судската постапка може да се решаваат единствено во рамките на судскиот систем.

Во однос на здравствената состојба на Михаилова, Муцунски рече дека македонскиот здравствен систем обезбедува здравствена заштита и дека таа, како лице со македонско и бугарско државјанство, има право на соодветно лекување.

По барањата што биле упатени од бугарската страна на претходни билатерални средби, Македонија предложила медицински специјалисти од Бугарија да ја посетат земјата и да се уверат во здравствената состојба и третманот што ѝ се обезбедува на Михајлова.

 

Муцунски ова го оцени како гест на добра волја кој може да придонесе за градење доверба меѓу двете земји.

„Тоа не е наша обврска, но морам да зборувам многу отворено и директно. Поради недостигот на доверба што постои меѓу владите, мора од некаде да започнеме да градиме доверба“, рече тој.

 

Претходно беше потврдено дека е дадена согласност бугарски медицински специјалисти да учествуваат во проценката на здравствената состојба на Михаилова. Следно треба да бидат определени лекарите и да се организира заеднички преглед со македонски медицински тим.

Случајот е поврзан со сообраќајна несреќа во која загинало едно лице. Михаилова има двојно државјанство, а во постапката во Македонија е обвинета за кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот.

 

Back to top button
Close