Институционална одговорност мириса на сомнеж

Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Убеден сум дека многумина од вас ја разбираат суштината на мојата борба поврзана со вистината за стечајот на Еуростандард банка, но има сограѓани кои не го разбираат мојот порив, поентата на сите мои институционални и правни заложби, јавно зборување, споделување со нив. Не им судам. Доволно е што јас сум осуден пред време, но не сакам да останам таков пример. Затоа ќе се борам до последен здив.

За мене чистиот образ на човекот е еден од темелите на современото општество. Кога се работи за името, честа и вистината, компромисот станува невозможен. Затоа продолжувам, тоа ми е најсилниот мотив. Човекот и хуманоста пред сѐ.

Повеќе од шест години, три институции имаат централно место во случајот Еуростандард банка. Тие се: Народната банка, ОЈО ГОКК и Основниот кривичен суд Скопје. Не барам однапред никого да прогласиме за виновен, туку барам нешто многу поедноставно, барем рака едноставно звучи дека секоја институција што донела одлука со последици врз една банка, нејзините акционери, вработени и клиенти мора да можат да ја објаснат таа одлука со закон, документ и бројка.

 

НАРОДНАТА БАНКА – ОД КАДЕ ЗАПОЧНА СÈ

На 12 август 2020 година беше одземена дозволата за работа на Еуростандард банка. Од тогаш го поставувам наједноставно прашањето: Кој е документот што ја покажува целосната фактичка состојба на банката токму на тој ден?

Се надоврзуваат уште многу прашалници, каде е целосната работна пресметка на капиталот; кои изворни бројки биле употребени; врз кои конкретни показатели било утврдено дека банката мора да оди во стечај и дали постои претходен записник или друг акт со кој е утврдена фактичката капитална состојба?

Ако постои, нека биде покажан, оти тоа не е барање на привилегија, туку е барање за проверливост на една од најтешките одлуки што може да го донесе банкарскиот регулатор.

Во периодот пред стечајот беа преземани активности за докапитализација и стабилизација. На 6 месеци пред стечајот беше внесен дополнителен свеж капитал од 13,5 милиони евра, се бараа решенија за санација и постоеше интерес од потенцијален нов инвеститор. Се наметнуваат прашањата, како Народната банка ги анализирала тие алтернативи; дали била разгледана администрацијата како законски расположлив инструмент; ако санацијата, дополнителниот капитал, администрацијата и новиот инвеститор биле отфрлени, тогаш каде е писмената анализа зошто е така и дали при проценката била земена предвид вонредната состојба предизвикана од COVID-19 и ограничувањата на присилната наплата?

Не барам Народната банка да ја изгуби својата независност. Барам нејзината најтешка одлука да може да ја оправда најстрогата проверка за постоечките документи. Такви документи до сега немаме видено.

 

ОЈО ГОКК – ОД 55 ДО 27 МИЛИОНИ ЕВРА

Следната институција е ОЈО ГОКК. Во 2021 година обвинителството јавно соопшти дека истрагата се однесува на загуби во работењето на цирка од 55 милиони евра. По речиси шест години, обвинителството поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против мене, а во обвинението наведува штета од приближно 27 милиони евра. Веселата математика е од 55 на 27 милиони, речиси половина!

Бројките сами по себе не докажуваат вина или невиност. Но кога бројките се менуваат за десетици милиони евра, институцијата мора да објасни како и зошто. Што исчезнало од првичната пресметка? Која методологија била променета? Кој е точно оштетениот субјект? На кој датум се пресметува штетата? Како се третираат кредитите што во меѓувреме се наплатени? Како се третираат колатералите и распределбите од стечајната маса?

Официјалното обвинителство денес тврди дека тројца обвинети со своето постапување придонеле за стечајот, а мене ме товари дека со несовесен надзор сум придонел за создавање несолвентност. Тоа се обвинителски тврдења што допрва треба да се докажуваат пред суд.

Во меѓувреме стечајот продолжува да наплатува. Според сознанијата со кои располагам, преостанатите обврски кон доверителите, вклучително и Фондот за осигурување депозити, се под десет милиони евра, а постојат информации и за значителни идни наплати. Овие последни бројки ги наведувам како моја проценка, бидејќи како поранешни акционери немаме целосен пристап до ажурираната и консолидирана состојба. Токму затоа барам официјалните бројки да бидат објавени. Ако реалната економска состојба денес драматично се разликува од онаа со која започнала истрагата, државата има обврска да ја објасни разликата.

Уште едно прашање ме мачи, дали ОЈО ГОКК самостојно ја проверило фактичката основа врз која Народната банка ја донела одлуката за стечај, или таа основа била прифатена како веќе дадена?

Обвинителството има право да обвинува, но кога бара од судот да осуди човек, мора да може да објасни како дошло до секоја бројка на која го темели обвинението.

ШТО СЕ СЛУЧИ СО ПЕРЕЊЕТО ПАРИ

Првичната истрага опфаќаше и сомнение за перење пари. ОЈО ГОКК во 2021 јавно соопшти дека истрагата го опфаќа и член 273 од Кривичниот законик. На 5 јуни 2026 година конкретниот сегмент што се однесуваше на перење пари беше запрен. Ова создава друго важно прашање, а тоа е: откако исчезна токму правната компонента поврзана со перењето пари, врз која конкретна законска основа предметот продолжи да го води ОЈО ГОКК?

Прашувам конкретно и барам конкретен одговор. Не давам јас одговор, го барам од институцијата.

И ПОТОА ДОЈДЕ СУДОТ

На 18 септември 2026 година следеше уште еден важен процесен пресврт. Специјализираното судско одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје се огласи за стварно ненадлежно за преостанатите дела и определи предметот да биде доставен до Одделот за полнолетни.

 

Прашањето станува уште посериозно!

Ако специјализираниот суд вели дека преостанатите дела не припаѓаат во неговата надлежност, на која законска основа предметот по запирањето на AML-сегментот продолжил да се води пред ОЈО ГОКК?

Прашувам отворено, зошто се води истрага полни 6 години за дела кои не постоеле?

На 3 септември обвинението претходно било одобрено. На 18 септември истиот предмет е пренасочен поради стварна ненадлежност. Какви правни последици има тоа врз претходните процесни одлуки?

Не тврдам дека тие автоматски се ништовни, туку барам судот и адвокатите да дадат јасен правен одговор.

 

ТРИ ИНСТИТУЦИИ – ТРИ ОДГОВОРИ ШТО НЕДОСТАСУВААТ

Затоа денес случајот Еуростандард повеќе не го гледам само како прашање за една банка. Го гледам како тест за институционалната одговорност. Народна банка треба да покаже врз кои документи, пресметки и изворни бројки ја донела најтешката регулаторна одлука.

ОЈО ГОКК треба да објасни како од 55 милиони евра стигнало до 27 милиони и врз која надлежност продолжило да го води предметот по запирањето на сегментот за перење пари.

Кривичниот суд треба да обезбеди одговор какви се последиците од тоа што специјализираното одделение се прогласило за стварно ненадлежно и дали основниот регулаторен акт врз кој започнал целиот процес бил законит и извршен.

Почитувани читатели,

Не се работи за една институција. Се работи за синџир од државни институции. Ако една од државните институции во старт погрешила, а длабоко сум убеден дека тоа е Народна банка, тогаш последиците ги плаќаме ние граѓаните, а институциите и натаму се чувствуваат недопирливи за нивните погрешни потези.

Шест години подоцна, прашањата се појасни од одговорите. Документите постојат или не постојат. Пресметките се точни или не се. Законот е почитуван или не е.

Време е институциите да кажат што од тоа е вистина.

За жал, не сум единствен во државата кој се соочува со вакви институционални проблеми и затоа не смееме да молчиме. Молкот сам по себе значи прифаќање на сегашноста. Иднина, со молк кон неправдата, не се гради.

Бидете храбри, не да молчите.

Јас продолжувам!

 

 

Back to top button
Close