Пораз на МЗТ Скопје Аеродром и во вториот натпревар во ФИБА Европа купот

Кошаркарите на македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром го претрпеа и вториот пораз во ФИБА Европа купот откако вечерва на домашен терен загубија од Тарту од Естонија со 92:95. Ова е втор пораз на „металците“ и втор на домашен терен, откако во првото коло загубија од Ираклис.
МЗТ Скопје Аеродром имаше само едно водство во текот на сите 40 минути (4:3), а противникот првиот период го доби со 24:17. Втората четвртина му припадна резултатски на македонскиот првак со 22:20, но на полувреме водеа гостите со 44:39. Во третиот период гостите го зголемија водството, а на почетокот на последниот ги имаа и највисоките +15 (77:62).
Македонскиот првак сепак во последната минута успеа да изедначи на 92:92 со тројката на Димитрије Николиќ. Но, во следниот напад Мартина Пасоја постигна тројка на 14 секунди до крајот. Тадија Тадиќ не реализираше две слободни и гостите ја одбранија предноста. Николиќ од МЗТ Скопје Аеродром со 22 поена беше најефикасен на дуелот.
Следниот натпревар македонскиот првак го игра на гости кај Вурцбург на 20.октомври.






