Надворешна политика која носи многу опасности

Денко Малески

„Поредок заснован врз правила“ („Rules- based order“) беше наречен светскиот систем по распадот на биполарниот во 1989 година. Правилата, се разбира, беа американски. И не беше тоа лош свет за малата Република Македонија, како впрочем и за другите држави на Источна Европа. Демократска трансформација дома и безбедност под чадорот на НАТО надвор, го нудеше светот во која САД беа хегемон. Дури и Русија под Јелцин, а потоа и под Путин побара нивната земја да стане членка на НАТО. Но, и во овој „униполарен момент“ кога либералната демократијата и меѓународното право требаа да го означат „крајот на историјата“, не беше можно да се води надворешна политика без дипломатија.

Не мислам на македонската дипломатија денес која постојано го рецитира правото и правдата, туку на вистинската дипломатија на преговори и компромиси.

Прочитај го Тукидид, ми порача американскиот претставник во Скопје во 1991; правото е на ваша страна ама не влегувајте во темна улица во која ќе бидете претепани од некој насилник, ми вели соговорникот од ЕЗ во Брисел; не го толкувај членот 5 од Повелбата на НАТО буквално; избегнете војна во Македонија оти никој нема да ви дојде на помош; преговарајте со вашиот сосед Грција…Ова беа советите што ги добивав од странските соговорници зад политичката сцена. Јавно, имаше моменти кога зеднички го рецитиравме правото иако знаевме подобро.

Ова што го пишувам, да потсетам, се случува во „американската ера“ во времето на „поредокот заснован врз (американски) правила“. А, сепак, странците, свесни за реалностите на политиката, никогаш не ми велеа да се потпреме на меѓународното право туку, со помош на дипломатијата, да бараме решение за нашите политички проблеми.Правните проблеми се полесни и се решаваат на суд, ама политичките се тешки и со длабоки корени во минатото, па за нив се потребни преговори со помош на дипломатијата. Само така можеме и ние да ви помогнеме, толку колку што дозволуваат нашите интереси, знаеја да кажат понекогаш. Како во разговорот околу „имкето“ во Скопје со министерот Торвалд Столтенберг кој го потсети претрседателот Глигоров и мене дека Норвешка и Грција имаат силни економски врски во бродоградбата па не можат да носат одлуки исклучиво базирани врз правото и правдата. И така, во еден напор да го разбереме светот каков што е а не каков што сакаме да биде, значи свет во кој доминира моќта на државата и нејзините интереси, почнаа серијата компромиси кои малата Македонија мораше да ги прави за да опстане.

Првиот компромис беше промената на тукушто донесениот устав со објаснување во форма на амандман дека грижата за Македонците во светот не значи мешање во внатрешните работи на соседите.Претседавачот со Конференцијата за Југославија, лорд Карингтон, неколку пати праша дали во собранискатаа сала во која се водеа разговорите се снима. Потоа разбравме дека има важна вест за нас. Имено, Бадинтер му рекол дека доколку најдеме начин да ја ублажиме уставната формулација, Арбитражната комисија ќе биде на наша страна. Тоа и се случи: во „правното мислење“ на Комисијата само Македонија и Словенија ги исполнија условите да бидат признаени од ЕЗ. Но, во светот на меѓународната политика работите не секогаш го следат правото, па Германија ги призна Хрватска и Словенија, а Грција ни стави вето.Толку за гаранциите и предвидливоста на кои инсистира сегашната власт . Другото е историја. Ете тоа е приказната зад првиот компромис на малата балканска држава: никакви предавства, никакви лични интереси,туку грижа за својата земја и за народите кои живеат во неа. За приемот во ОН под референцата поранешна Република Македонија, за Преспанскиот договор со кој официјалното име на државата стана „Северна Македонија“ и за Договорот за пријателство и добрососоедство со Бугарија во кој е запишано дека двата народи имаат и „заедничка историја“, треба други да кажат но без обвинувња за предавство. Зашто, нема дијалог со закани.

Ова се некои други времиња од она за кое пишував погоре. Денес, најмоќната држава во светот, Америка, го негира меѓународното право, а улогата на силата и на интересите под Доналд Трамп, не мора да се објаснуваат никому. Во вакво време на крваво раѓање на мултиполарниот свет и војна на европскиот континент, која лесно може да прерасне во светска војна, надворешната политика на македонската држава се потпира врз правото, правдата и принципите. Ако ваквата политика не поминуваше ниту во „американската ера“ и „поредокот заснован врз правила“, можете да ја замислите нејзината судбина денес. На крајот може да останеме вон од европските процеси на интеграција, ако воопшто опстане ЕУ после изборите во Германија и Франција и ако НАТО ја преживее смртта на Украина и, згора на се, со непријателска држава на нашите граници.

 

Back to top button
Close