Самит на ЕУ: Европските лидерите порачаа дека ќе ја поддржат Украина и нема да ги укинат санкциите против Русија

ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина и нема да ги укине никакви санкции против Русија, изјавија денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.

„Едно е апсолутно јасно: нема да укинеме никакви санкции сè додека Русија не ја запре оваа војна“, изјави Фон дер Лајен пред новинарите пред самитот на лидерите на ЕУ, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Можете да сметате на нас“, вети претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во време кога Зеленски се соочува со постојани критики од американскиот претседател Доналд Трамп.

 

Трамп постојано повикуваше на отстранување на украинскиот претседател и најави планови за увоз на дизел од Русија со цел да се намалат рекордно високите цени на горивата и планови за ублажување на санкциите против Москва.

„Ова не е време за ублажување на санкциите кон Русија. Сега е време да ја зајакнеме нашата поддршка и да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Коста.

Трамп во неделата еднострано прогласи „енергетско примирје“ меѓу Русија и Украина, обвинувајќи го Зеленски дека предизвикал пораст на глобалните цени на нафтата со нападите врз руските рафинерии.

Украинскиот претседател претходно изјави дека Украина, иако неволно, го исполнила барањето на Трамп три дена, додека Русија во исто време продолжила со нападите врз украинските енергетски објекти.

„Секако, го поддржавме енергетското примирје на претседателот Трамп, но видовме дека Русија не го почитува – ниту една минута“, рече Урсула фон дер Лајен.

Наместо да го почитува примирјето, Русија ги интензивираше своите напади, рече таа, што ја поттикна ЕУ да започне со работа на 22-от пакет казнени економски и финансиски мерки против Москва.

Зеленски, кој е во Брисел по повод самитот на ЕУ, изрази благодарност што може да смета на европските лидери кои застанаа на страната на Украина од почетокот на војната.

Според Киев, САД, исто така, го намалиле опсегот на разузнавачки податоци што ги споделуваат со Украина и го ограничиле пристапот до сателитската интернет услуга Старлинк.

Лидерите на ЕУ треба да започнат дискусии за дополнителна поддршка за Украина во наредните години.

Минатата година, ЕУ воспостави заем за поддршка за Киев во вредност од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година.

Иако украинскиот буџет за оваа година е целосно финансиран, Киев предупредува на значителни недостатоци во финансирањето за 2027 година.

Украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко минатиот месец изјави дека на земјата ѝ недостасуваат 32,6 милијарди долари економска поддршка и 45 милијарди долари поддршка за одбрана.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера изјави, пред разговорите со другите лидери на ЕУ, дека Европа ќе мора да ја зголеми својата финансиска поддршка за Украина.

Back to top button
Close