Паметните очила можат тајно да снимаат луѓе: ЕУ бара јасни предупредувања за снимањето

Корисниците на паметни очила кои објавуваат снимки на јавни профили на социјалните мрежи или ги користат за деловни и политички цели мора да ги почитуваат правилата за заштита на личните податоци. Ова е наведено во изјава на Европскиот одбор за заштита на податоците (EDPB), усвоена на последната пленарна седница во Брисел.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) информираа дека документот претставува првичен сет насоки наменети за корисниците, производителите и давателите на услуги поврзани со паметните очила.

„Кога станува збор за приватноста, луѓето заслужуваат јасни предупредувања, а не непријатни изненадувања“, порача претседателката на EDPB, Ана Талус.

Според изјавата, снимањето на семејството или пријателите, како и преведувањето за лични потреби, по правило може да потпаѓа под таканаречениот исклучок за лични или домашни активности. Сепак, и во такви случаи може да се применуваат кривични, граѓански, работни и други прописи.

Одборот нагласува дека снимањето треба да биде јасно забележливо, на пример преку светлосни сигнали со LED-светла, звучни сигнали, гласовни предупредувања или известувања на паметниот телефон. Предупредувањата треба да бидат сигурни и лесно воочливи за луѓето што се наоѓаат во близина.

Според насоките, луѓето треба да бидат свесни дека се снимаат и кога се на јавни места. Производителите и давателите на поврзани апликации и услуги не можат целосно да ја префрлат одговорноста врз корисниците, а секоја нова обработка на лични податоци мора да биде во согласност со првичната цел за која тие биле собрани.

Во документот се повикува и на развој на индустриски стандарди и мерки за подигање на јавната свест, со цел луѓето да знаат кога се користат паметните очила и на кој начин се обработуваат нивните податоци.

Особено се предупредува на ризиците од снимање без знаење на лицата што се наоѓаат во кадарот. Опасностите се поголеми на чувствителни локации како болници, училишта и работни места, како и кога снимките се споделуваат на социјалните мрежи. Децата се посебно ранлива група, без разлика дали самите користат вакви очила или се снимани од други лица.

„Овие уреди изгледаат како обични очила, но имаат камери и микрофони и се поврзани на интернет“, изјави Талус.

Заедно со изјавата, објавен е и извештајот „Поврзан поглед: видеоснимање, надзор и собирање докази во ерата на паметните очила“. Документот е изработен од надворешен експерт за дигитална социологија, на барање на EDPB, по предлог на француското тело за заштита на податоците.

Извештајот ги анализира искуствата на луѓето што биле снимани и начинот на кој тие ги доживуваат ризиците. Резултатите покажуваат дека паметните очила понекогаш се користат за следење други лица и собирање докази против нив. Притоа, лицата што ги носат и знаат како да ги користат се во поповолна положба од оние што се снимаат, често без воопшто да бидат свесни за тоа

Back to top button
Close