Тие што нè доведоа до најголемиот пораз во 2024 г. сега критикуваат за Брвеница, реагираат од СДСМ на обвинувањата од платформата

Тие што го доведоа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) до историски пораз на парламентарните и претседателските избори во 2024 година, истите денес го обвинуваат актуелното раководство на партијата за резултатот на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница. Ова е дел од реакцијата на СДСМ на обвинувањата од платформата „Разговори за иднината во 12:05“, од каде што утрово преку писмено соопштение наведоа дека врвот на партијата, чија смена, меѓу другото, ја бараат, повторно одработил за ВМРО-ДПМНЕ и му подарил уште една победа на политичкиот противник.

 

На обвинувањата на платформата, од СДСМ одговараат со контраобвинувања, велејќи дека поранешните и актуелни функционери на партијата собрани во неа се тие што го предале Социјалдемократскиот сојуз и сега заедно со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и политичката партија Левица бараат реформи во партијата.

Според СДСМ, станува збор за луѓето кои ја пишувале програмата на партијата, биле шефови на штабови по изборни единици и носители на листи пред нешто повеќе од две години кога партијата доживеа пораз на парламентарните избори.

„Тие што добија тендер од 1,6 милиони евра. Тие што го бранат трговецот со оружје што му плаќа на (Христијан) Мицкоски лобирање за американска ходник дипломатија. Тие што набавуваат хеликоптери, па ВМРО го става случајот во фиока. Тие што дозволија Артан Груби да игра фудбал по канцеларии. Тие што ја пишуваа програмата, што беа шефови на штабови по изборни единици, носители на листи на најголемиот пораз на СДСМ. Тие што потпишуваа петиција за ослободување на Орце Камчев. Тие што молчеа кога се носече Кривичниот закон за да се ослободат некои. Истите тие денес ја обвинуваат СДСМ за резултатот во Брвеница – резултат што е поголем од нивниот и подобар од лани за 46 проценти“се вели во реакцијата од СДСМ.

Од партијата како „жолт печат“ го оценуваат прашањето од платформата за наводна идеја за влез на СДСМ во владата на Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја дека се однесува како портал на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според Социјалдемократскиот сојуз, платформата што ја сочинуваат поранешни и актуелни функционери на партијата, е нов сателит на премиерот Микцоски, со јасна намера да внесе немир во редовите на СДСМ.

 

„Не поминува. Прочитани сте одамна. СДСМ не се предава на кафеана, хотел и тендер. СДСМ не е на продажба. Македонија не е на продажба“,

 

се вели во реакцијата од опозициската партија.

Инаку, од платформата „Разговори за иднината во 12:05“, меѓу другото, се осврнаа и на наводите на СДСМ дека нивниот кандидат за градоначалник на Брвеница освоил 225 гласа повеќе во споредба со локалните избори лани, истовремено премолчувајќи дека Јовица Радески сега има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои како носител на советничката листа на СДСМ во Брвеница пред една година.

 

 

На тврдењата на СДСМ дека изборните резултати на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница покажуваат дека нивниот рејтинг расте, додека на власта е во пад, денеска реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат поразот на социјалдемократите е уште поголем од ланските избори.

 

 

„Тоа што јасно може да се види е дека СДС сега имаат 57 гласа помалку од гласовите на советничка листа лани, кога истиот кандидат им беше носител. Односно истиот човек лани, како носител на листа за советници, освоил повеќе гласови отколку годинава како кандидат за градоначалник“,

 

се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој аргумент на кој се повикуваат и ВМРО-ДПМНЕ и платформата „Разговори за иднината во 12:05“, според СДСМ покажува дека партијата на власта и групата, што бара реформи во СДСМ и смена на актуелното раководство на партијата, соработуваат.

Инаку, на вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски освои 2 943 гласа, додека кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, е втор, со освоени 2 152 гласа. Двајцата ќе одат во вториот круг за две недели, кога треба да биде познато кој ќе биде на чело на Брвеница во наредните четири години.

Трет во вчерашниот прв круг на вонредните избори заврши Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, од коалицијата беше четврти со освоени 706 гласа. Независните кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи вчера завршија петти и шести, со освоени 55, односно 21 глас.

Back to top button
Close