Герасимовски: ВМРО покажа дека не знае да ја води државата, незадоволството на граѓаните расте
20.10.2026 21:42
748 1 минута читање

Власта на ВМРО за две години покажа дека не знае да ја води државата, а незадоволството кај граѓаните е сè поголемо, нагласи потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски, во интервју во емисијата „Ноќно студио” на 4News.mk. Герасимовски посочи дека катастрофалната економска состојба, незадоволните работници, земјоделци, се јасен показател за погрешните политики на владата на Мицкоски.
„ВМРО покажа дека во овие две години не знае да ја води државата. Многу полошо се води државата од било која претходна влада. И тоа го покажуваат и самите анкети, незадоволството и револтот кај граѓаните. И она огромно опозициско расположение кое се покажува на самите анкети”, рече Герасимовски.
Тој посочи дека Владата на ВМРО недомаќински ја води државата, и незадоволството не е ограничено на една категорија граѓани, туку ги опфаќа сите оние што секојдневно се соочуваат со последиците од економските политики на владата.
„Катастрофално е сè што се случува во државата особено во делот на економијата. Гледаме незадоволна администрација, гледаме незадоволни земјоделци, незадоволни бизнисмени. Јас сум сигурен дека со окрупување на опозицијата, со стабилна опозиција и со стабилен опозициски блок, дека граѓаните ќе се охрабрат и дека својот револт и незадоволство ќе го кажуваат на друг начин”, рече Герасимовски.
Во интервјуто, Герасимовски посочи дека и блокираниот европски плат од страна на власта, дополнително ја влошува состојбата во државата, додавајќи дека Македонија губи драгоцено време.
„Изгубивме драгоцени две години, обврската е на власта во моментов да носи одлуки. Имаат добиено поддршка од граѓаните,, имаат огромен број на пратеници кои што треба да одлучуваат како ќе пристапи Македонија понатаму кон Европската Унија”, рече Герасимовски.






